Портокалите се овошки кои потекнуваат од неколку видови мали дрвја или грмушки од родот аргуми. Поточно, припаѓаат на семејството Rutaceae, нареченицитрусни овошја, заедно со мандарините, цитронот, лимонот итн.
Се одгледуваат во топлите јужни краишта или тропските и субтропски предели. Најзастапените комерцијални видови портокали се кинескиот, шпанскиот и персискиот портокал. Главно се делат на слатки и киселкасти.
Портокалите се нискокалорична храна која е особено богата со хранливи материи, како витамин Ц, растителни влакна и други важни витамини, но и минерали.
Подобар имунитет
Општо е познато дека портокалите се помеѓу најдобрите извори на витаминот Ц. Само еден портокал обезбедува далеку над 100% од дневните потреби за овој важен антиоксидативен витамин. Покрај антиоксидативната улога, витаминот Ц е значен и за имуниот одговор.
Истражувањата покажуваат дека доволните количества витамин Ц, значително придонесуваат за намалување на симптомите, но и нивното времетраење при респираторни инфекции, како што се обичните настинки. Дополнително, тој може да ја намали и зачестеноста на различни инфективни заболувања, како маларија, дијареа итн.
Значи, портокалите се корисни за имунитетот, помагаат во враќањето на силата по вирусни заболувања и ја подобруваат состојбата на кр-вните садови.
Меѓутоа, голем број нутриционисти препорачуваат да не се пие исцедениот сок од портокал, туку да се консумира целиот плод. Секако ова важи за органски одгледуваните портокали, исто како и за лимоните. Кората на лимоните и портокалите е всушност вистинскиот извор на сите полезни витамини и минерали.
Руската нутриционистка Олга Перевалова за радиото Спутник говореше за тоа – како е најдобро да се јадат портокалите, а тие да не ги загубат своите квалитетни својства?
– Дневната доза на витамин Ц е 60 милиграми. Свежиот портокал може да содржи и до две дневни дози витамин и тоа е доволно за умерено здрава личност. Витаминот Ц може да се зголеми и до 500 или 1.000 милиграми.
Портокалите содржат и многу витамини од групата Б, кои не само што го зајакнуваат имунитетот, туку и поволно влијаат на работата на кр-вните садови. А кората содржи каротеноиди – растителен облик на витаминот А, кој се нарекува и „витамин за убавина“, бидејќи влијае врз квалитетот на кожата и го подобрува видот, особено ноќниот вид, вели д-р Перевалова.
Олга Перевалова порачува дека цитрусните плодови задржуваат најмногу витамини ако се јадат цели, а не исцедени како сок.
– Ако го цедите сокот од овошјето, ќе ви бидат потребни 4-5 портокали со средна величина за една чаша. Овој сок ќе содржи и огромна количина фруктоза, а тоа е шеќер што го оптоварува панкреасот. Оптимално е да земеме свежо овошје, убаво да го измиеме и да го изедеме целото, заедно со кората, вели д-р Перевалова.
Меѓутоа, колку ова е изводливо во пракса? За оние што одгледуваат домашни портокали – супер, тие веќе и онака сигурно ги јадат портокалите заедно со кората. За сите останати што ги купуваат цитрусните овошја, принудени се да ги измиваат добро пред кон-сумација, бидејќи познато е дека при транспортот на јужните овошја, истите се третираат на различни начини, само да се обезбеди нивен подолг рок на траење.
Во продолжение ќе ви го презентираме рецептот на Ирена Здравеска, на кој начин би можеле најдобро да го искористите цитрусното овошје во вид на сок, а сепак да содржи и голем дел од корисните состојки кои се содржат и во неговата кора.
При подготвување на ваквите рецепти имајте во предвид дека претходно мора да ги истретирате плодовите во раствор со сода бикарбона и добро да ги измиете пред употреба.
Потребни состојки: 1 портокал, 2 лимони, 300-400 г шеќер (обичен или стевија или некоја друга природна замена за шеќерот), 1 лажица лимонтус, 1,5 литар вода.
Постапка: Откако убаво сте го измиле овошјето, исечете го на ситни парчиња, а отстранете ги потврдите делови од краевите и семките. Парчињата овошје ставете ги во кеса за замрзнување, добро затворете ја кесата и ставете ја во замрзнувач околу еден час.
Потоа парчињата овошје истурете го во еден подлабок сад и додајте го шеќерот. Додајте една лажица лимонтус и со рачен миксер сомелете ги. Може да ви послужи и машина за мелење месо, посилен блендер или слична алатка за ваква намена.
Кога ќе ги иситните плодовите започнете постепено да ја додавате водата непрекинувајќи да мешате со рачниот миксер. Кога смесата ќе се изедначи, преостанува само да се процеди низ газа или цедалка. Сокот е многу освежителен, а деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.