Модриот патлиџан во тегла за зимница има многу посебен вкус, кој пробал знае. Како и секој друг рецепт за зимница, почнувајќи од пиперките на 100 начини, руските салати и туршиите, така и модриот патлиџан во саламура е задолжителен на нашето зимско мени. Првиот рецепт што ќе ви го претставиме е на нашата драга читателка Елена Ангелевска.
РЕЦЕПТ 1 Фото и рецепт: Елена Ангелевска – Потребни состојки: 3 кг модар патлицан, 1 литар вински оцет, 1 литар вода, 80 г шеќер, 80 г сол, црн пипер во зрно, лук, магдонос и масло за теглите. Постапка: Модриот патлиџан се мие и се сече на тркалца или половинки, се посолува и се остава да отстои 2-3 часа.
Во тенџере се става 1 литар вински оцет, 1 литар вода, 80 г шеќер, 80 г сол и црн пипер во зрно, па се става на оган да зоврие.
Модриот патлиџан се става во ова солило да се вари 5 минути, а потоа со решеткаста лажица се вади и се реди во тегли.
Помеѓу модриот патлиџан се става сечкан лук и магдонос. Кога ќе се наполнат теглите се долева масло и се затвора добро со капак. За оваа доза солило, потребни се три килограми модар патлиџан.
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: Околу 3,5 кг модри патлиџани, 1,2 литар вода, 500 мл оцет, 40 г + за посолување кога ќе се исечат, 40 г шеќер. За во тегла лук и магдонос и масло. Постапка: Патлиџаните се мијат, лупат, сечат на тркалца, се посолуваат и се оставаат 5-6 часа.
Потоа се процедуваат, па се ставаат 5-6 мин да се варат во саламурата од вода, оцет, сол и шеќер. Процедете ги убаво, па редете ги во тегли ред патлиџан, ред лук и магдонос и на крај се долева масло. Се затвора добро и се чува на ладно.
РЕЦЕПТ 3 – Потребни состојки: 1 кг модар патлиџан, 4-5 чешниња лук, ½ китка магдонос, 1 лажица сол, 2 лажици шеќер и 6 лажици оцет. Постапка: Модрите патлиџани се мијат, сечат и послолуваат, па по неколку часа се процедуваат.
Потоа се пропржуваат, па топли да се редат во тегли во кои претходно сме ги ставиле зачините. Тука на 1 кг модар патлиџан, одат 4-5 чешниња лук, 1/2 китка магдонос, 1 лажица сол, 2 лажици шеќер и 6 лажици оцет. Топло се затвора теглата и се превртува за да се вакумира.