Овој џем е густ, наликува на желе и не се мачка многу лесно како другите џемови. Но, истовремено е мазен и богат, со преубав вкус.
Рецептот го имате во здрава варијанта, но и соодветни замени доколку не користите некои од специфичните намирници…
За овој рецепт најважно е да користите меки, зрели јапонски јаболка.
Зрело е јаболкото кога кожата малку и е потемнета и смежурана, а јаболкото е меко на допир.
Со овој намаз можете да мачкате лепче или палачинки, да го додавате за појадок во муслите, но исто така, можете да го јадете и со лажица, буквално да си сркате… јас едвај се воздржувам по отворање да не ја изедам целата тегла.
Потребни состојки:
2 презреани јапонски јаболка (каки)
1 клементина/мандарина – сок
40 г ксилитол шеќер (брезов шеќер) или обичен шеќер
½ мешунка ванила или ½ лажичка екстракт од ванила или ½ кесичка ванилин шеќер
1 лажица кокосово масло (во стврдната состојба)
20 г ару прав (корен од тропска билка кој се користи како здрава варијанта за згуснување на варивата) или компиров скоб/ желатин/ густин
Постапка:
Изгребете ја пулпата („месото“ на плодот) во еден сад. Додадете го сокот од мандарината и шеќерот, па ставете на тивок оган.
Промешајте и додадете му ванила и кокосово масло и загревајте додека шеќерот да се растопи.
Додадете му згуснувач, внимавајќи добро да го размешате, па оставете полека на тивко да се готви уште 2-3 минути.
Уште додека е врел џемот истурете го во стерилизирани теглички и затворете.
После отворање на теглата, чувајте во фрижидер до седум дена. Можеби трае и подолго, но кај нас дома не „преживува“.
Фото и рецепт: Ива Савиќ