Ова е идеален оброк за летните денови, бидејќи оваа мусака освен што е многу сочна и лесна, исто така се приготвува брзо и лесно и бара само минимално внимание покрај шпоретот. Летната мусака е богата со зеленчук, наместо месо се става кромид кој е многу здрав за целиот организам. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 СО КОМПИРИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за плех или калап со средна големина): 500 г компири, 4 главици кромид, 2 јајца, 200 г ситно солено сирење, 1 чаша (200 мл) кисела павлака, 1 морков, 150 мл масло, 200 г шампињони или печурки по избор, 1 лажичка сол, црн пипер по вкус, кашкавал за наросување одозгора
РЕЦЕПТ 2 СО ТИКВИЧКИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 млади тиквички, сол и сув зачин, црн пипер, црвена зачинска пиперка во прав, сув магдонос, 50 мл масло, 1 домат исечен на тенки тркалца. ЗА ФИЛ: 2-3 јајца, 200 г сирење, 200-250 мл кисела павлака, околу 60 мл вода за разблажување на филот, по желба додајте и малку лук, кашкавал за наросување одозгора
ПОСТАПКА РЕЦЕПТ 1: Излупете го компирот и исечете го на тенки тркалца. Исчистете го кромидот и исечете го на полумесечинки или на коцки, па запржете го на малку масло додека да застакли. Потоа додајте рендан морков, динстајте уште една минута, па додајте ги сечканите печурки. Зачинете и динстајте додека да испари течноста.
На дното од намастен плех наредете тркалца компир (дното целосно да биде прекриено), па преку него распоредете од динстаниот зеленчук. Повторно наредете компир, па изматете ги јајцата заедно со киселата павлака и ситното сирење, па со смесата прелијте ги компирите и протресете го малку плехот за убаво да се распореди.
Ако ви останале уште компири наредете уште еден слој, па одозгора полијте една или две чаши вода, во зависност од големината на садот кој го користите. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени под капак или фолија околу 20-30 минути, а потоа тргнете ја фолијата и допечете додека да испари вишокот течност. Пред крај наросете кашкавал и допечете уште неколку минути. Доколку мусаката ја правите со тиквички:
ПОСТАПКА РЕЦЕПТ 2: Тиквичките измијте ги, отстранете им ги дршките, па исечете ги на тенки тркалца. Зачинете ги со сол, сув зачин (вегета), црвен пипер, црн пипер, сув магдонос, промешајте, а потоа залијте ги со околу 50 мл масло. Промешајте ги за да се распоредат зачините и оставете настрана.
Во подлабок сад ставете го ситното сирење (може да биде фета, урда или сирење по ваш избор), па додајте ја киселата павлака и јајцата и добро промешајте додека состојките да се изедначат. Може да има и некои поголеми грутки сирење по желба. Посолете по вкус, зачинете со сув магдонос и разредете со малку вода, околу 60 мл.
Плехот или огноотпорниот сад намастете го со масло, па целото дно покријте го со тркалца од зачинети тиквички. Со кутлача прелијте со сосот со павлака и јајца, па наредете втор слој тиквички.
Врз нив наредете тенко исечен домат (кој не сака не мора, но дава убав вкус) и одозгора прелијте со остатокот од сосот. Изрендајте кашкавал и печете во загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути или додека да добие убава румена боичка. Постапката погледнете ја ОВДЕ.