I РЕЦЕПТ: Посна грилијаш торта, толку многу е вкусна, што сите ми побараа рецепт
Потребни состојки за 2 кори: 1 чаша (200 мл) газиран сок со вкус на портокал, 3 чаши шеќер, 2 чаши брашно, 2 лажици џем од кајсии, 1 лажичка рамна сода бикарбона, 3 лажици масло, 20 лажици мелени ореви
За карамел: 300 г шеќер, 1 коцкичка маргарин (30 г). За чоколаден прелив: 200 г чоколадо, 1 коцкичка маргарин (30 г). За крем: 600 г таан алва со какао, 5 лажици шеќер, 6 лажици какао, 100 мл вода, 2 маргарини (2х250 г). За шлаг: 500 г посен шлаг и 300 мл газирана вода
Постапка за приготвување на корите: Најпрво во посебен сад промешајте ги сувите состојки (брашното, сода бикарбоната и мелените ореви). Во друг сад ставете ги сите течни состојки (сокот и маслото), па додајте го шеќерот и промешајте тој да се растопи.
Потоа додајте го џемот, па повторно промешајте за да се раствори и на крај постепено додавајте ги сувите состојки. мешајте постојано за да не се создадат грутчиња. Сите состојки соединете ги во еднолична смеса, а од добиената количина испечете 2 кори, во добро загреана рерна на 200 степени околу 10 минути.
Не претерувајте со печењето за да не се карамелизира кората. Таа треба да биде мека. Постапка за приготвување на преливот: растопете го шеќерот на оган убаво да се карамелизира, додадете мало парче маргарин и промешајте.
Оваа смеса поделете ја на два дела и рамномерно прелијте ги двете кори. Премачкајте ги во тенок слој, а откако ќе се стврдне избоцкајте го за да може подоцна полесно да се сече тортата. Постапка за приготвување на чоколадниот прелив: растопете го чоколадото со маргаринот и прелијте го преку двете кори.
Приготвување на кремот: растопете ја алвата со останатите состојки и оставете на страна да се олади. Приготвување на шлагот: изматете го шлагот со газирана вода.
РЕДЕЊЕ: кора – прелив – чоколадна кора – крем – шлаг – прелив – чоколадна кора – крем – шлаг. Украсете по желба со шлаг или со чоколадо. Најубаво е да се приготви ден-два пред послужување за убаво да се впијат состојките и да омекнат корите. Тортата е прекрасна. / Coolinarika.com
II РЕЦЕПТ: Нескафе торта: лесна и кремаста – совршена ПОСНА торта
Тортата има многу добар вкус и изгледа доста декоративно, па вашите гости ќе мислат дека многу сте се потрудиле околу нејзината подготовка и дека е многу комплицирана. Вистината е дека се приготвува многу едноставно и многу брзо.
Потребни состојки: 100 г шеќер, 100 г посен маргарин, 100 мл вода, 1 кесичка нескафе 2 г, 300 г брашно, ½ прашок за печиво
За фил: 700 мл вода, 200 г шеќер, 4 кесички нескафе, 7 полни лажици густин/нишесте/скроб, 250 г посен маргарин, 300 г посен шлаг, газирана вода по потреба, сечкано суво овошје (суво грозје) по желба или јаткасти плодови
Постапка: веднаш нескафето промешајте го во водата и тргнете го на страна. Во брашното додајте го прашокот за печиво. Путерот омекнат на собна температура испасирајте го со виљушка, па пенасто изматете го. Додајте го шеќерот и продолжете со матење.
Во изматениот путер додајте го разматеното нескафе, изматете, па постепено додајте го и брашното. Добиеното тесто поделете го на три еднакви делови од кои ќе се испечат три кори врз превртена тепсија или калап. Калапот за торти (24 см) обложете го со хартија за печење, но од неговиот заден дел.
Земете еден дел од тестото и со помош на прстите или со задниот дел на лажицата (претходно натопена во вода), тапкајте го и развлечете кора според димензиите на калапот. Ставете да се пече во загреана рерна на 200-180 степени околу 10-15 минути.
За фил: Во густинот додадете вода (100 мл) и убаво промешајте да нема грутчиња. Преостанатата вода (600 мл) ставете ја на оган заедно со шеќерот и нескафето, па кога ќе зоврие додајте го густинот со постојано мешање додека да добиете густ крем. Тргнете на страна да излади.
Путерот измиксајте го пенасто, па во него постепено додајте го изладениот крем од нес кафе со постојано матење. На страна изматете го шлагот и започнете со филување на тортата. Врз првата кора нанесете третина од филот и убаво израмнете, па ставете третина од крем шлагот. Постапката повторете ја со трите кори.