Пробајте го овој посен, домашен мајонез кој е совршен намаз за мачкање врз парче лепче, за тост, салати, помфрит или маринирање на месо (на пример, пилешкото). Освен што е здрав, овој мајонез не содржи никакви конзерванси и без грижа може да го јадете во посните, но и во мрсните денови.




Особено е корисен за оние кои постат или кои се алергични на млечни производи. Некои го сметаат за повкусен и од обичниот мајонез со јајца. Се прави од неколку едноставни состојки, а предност се дава на наутот (леблебијата) која ги заменува јајцата. Водата од леблебија наречена „аквафаба“ е одговорна за кремастата густина на мајонезот, поради скробот кој се содржи во неа.




Може да користите конзервиран наут со вода (таков се користи во рецептот) или да си направите домашна вода од овие вкусни мешунки. Во мајонезот се додава уште малку масло, лимон и сенф. По препорака на читател, за да го збогатите вкусот на овој домашен мајонез може да додадете 2-3 чешниња лук, каков што се става и во класичниот посен мајонез од индиски ореви, на пример. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл конзерва наут-леблебија (околу 3/4 чаша вода од мешунките – аквафаба), 1 лажица сок од лимон, 1 лажица конзервиран наут, 1 лажица дижон сенф, 1 3/4 чаши масло (додајте малку повеќе за уште погуст мајонез), прстофат сол.




ПОСТАПКА: Доколку подготвувате домашна аквафаба, зрната од наутот измијте ги под млаз ладна вода, а потоа ставете ги во некој сад и прелијте ги со вода. Оставете ги преку цела ноќ да набубрат. Следниот ден префрлете ги во тенџере, долејте уште малку вода (истата количина пред да апсорбираат зрната), па ставете ги на оган.




Варете го наутот од половина до еден час (кај секој различно), додека зрната да омекнат. Процедете го наутот, а водата оставете ја да се олади. Потребно е да имате приближно 3/4 аквафаба. Оваа вода од мешунки има „потешка“ конзистентност, нешто помеѓу густа и течна.




За побрзо да се олади аквафабата, ставете ја во сад врз друг сад, наполнет со мраз. Се препорачува водата да биде многу ладна бидејќи при блендирање, блендерот се заграва и смесата ќе ја направи дополнително кашеста. Доколку подготвувате мајонез од конзервиран наут, варете на средно висока температура 5-6 минути, често мешајќи.




Потоа, на истиот начин изладете ја аквафабата во мраз. Во блендер истурете ја водата од наут, па додајте 1 лажица лимонов сок, 1 лажица варен наут и 1 лажица дижон сенф. Сѐ се блендира на најголема брзина за да се измиксаат мешунките до кремаста структура. Потоа, намалете ја јачината до средина.




Додека блендерот ги соединува состојките, започнете постепено да преливате од маслото. Мајонезот ќе почне да се згуснува (прилагодете ја брзината доколку е потребно). Мајонезот треба да добие густа конзистентност. Откога ќе го измиксате, префрлете го мајонезот во подлабок сад или чиста тегла и посолете со прстофат розова сол и измешајте, па дегустирајте.




Потоа, складирајте го мајонезот во фрижидер. Имајте на ум дека мајонезот дополнително ќе згусне при ладењето. Препорака од читател: „Се обидов да го направам ова денес и настана неред во мојот блендер.




Размислував малку и наместо да го фрлам и да почнам од почеток, ја ставив содржината во сад и ја ставив во замрзнувач 30-тина минути, за добро да се излади. Потоа повторно префрлив во блендер, излезе одлично и има многу добар вкус. Заклучок на приказната: ако вашиот блендер ги загрева состојките додека работи, изладете ја смесата.“ Деталите погледнете ги ОВДЕ.