„Јадете разновидна храна и колку можете повеќе овошје и зеленчук“, советуваат лекарите и нутриционистите, а она што речиси треба секојдневно да се јаде, се топлите зеленчукови чорбички преку кои организмот ќе се снабди со потребните електролити и нутринети.




Порано речиси не можело да се замисли денот да пројде без некоја манџичка, а месо се јадело само 2-3 пати седмично. Компир манџа, боранија, грашок, грав, летна манџа, телешка, пилешка и други видови чорба.. се само дел од менито кое често се „вртело“ во домаќинствата.

За жал, денес сè поретко се подготвуваат ваквите јадења. Затоа, одлучивме да ви го претставиме најдобриот рецепт за манџа од боранија, во посна и мрсна верзија, па според ваш вкус одберете го кој рецепт повеќе ви одговара. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – БОРАНИЈА СО МЕСО – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г боранија (може и смрзната), 300 г мелено месо, 100 г сува сланина, 1 главица кромид, 4 чешниња лук, 1 свежа пиперка, 1 помал домат, 1 голем компир исечкан на коцкички, 1 морков исечен на коцки, мелен црн и црвен пипер, сол, масло, 1 лажица „инстант за крем чорба“ – за вкус (може брашно или густин), магдонос

РЕЦЕПТ 2 – БОРАНИЈА БЕЗ МЕСО – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г боранија (може и смрзната, жолта), 1 главица кромид, 5-6 чешниња лукче, 2 моркови, малку свеж магдонос, 2-3 компири, 1 зелена пиперка (и 1 црвена по желба), малку масло, црвена зачинска пиперка во прав, црн пипер, сол и сув зеленчуков зачин (вегета) по вкус




ПОСТАПКА за рецепт 1: Сланината исечкјате ја на коцкички и малку запржете ја, па додајте го ситно сечканиот кромид. Заедно издинстајте ги кратко време, додека кромидот да омекне. Потоа додајте го сечаниот морков (на коцкички или рендан). Заедно издинстајте уште 1-2 минути, па додајте ситно сечкана пиперка.




Промешајте и продолжете со динстањето, па додајте 300 г мелено месо. Откако добро ќе се распоредат состојките, поклопете го тенџерето и продолжете со динстање уште 3-4 минути, па додајте ситно сечкан домат (еден помал или половина голем). Зачинете со малку црвен пипер во прав и додајте ја боранијата.




Во манџичката може да додадете и некое суво месо или што имате, па додајте и еден голем компир исечкан на коцки (или два помали) за да му даде густина. Додајте вода колку малку да се покрие содржината, промешајте и поклопете, па продолжете со динстање на умерена температура, со повремено промешување.




Оставете да се готви приближно половина час. Пред самиот крај додајте ситно сечкан или рендан лук, сол и црн пипер по вкус, како и некои зачини доколку сакате. Нека проврие уште минута-две, па додајте го ситно сечканиот свеж магдонос, 1-2 лажици. Додајте една лажица инстант за крем/брашно/густин разматено со малку водичка и гответе уште 5-10 минути за да се добие густина. Доколку подготвувате посна боранија:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Кромидот ситно исечкајте го и кратко пропржете го, па додајте го морковот исечкан на тркалца. Динстајте ги заедно некое време и по потреба долејте вода, па додајте ги компирите цели, само излупени, како и една голема пиперка и исчистената боранија (може и смрзната).




Зачинете со црвен пипер и гответе приближно половина час или додека да се сварат компирите. Потоа извадете ги во посебен сад заедно со пиперката и додајте малку од течноста во која се вареа. Испасирајте ги или изблендирајте ги, додајте рендан лук и ситно сечкан магдонос, па сето вратете го повторно во тенџерето.




Зачинете по вкус и продолжете да се крчка уште 5-10 минути на тивко. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а рецептот за посната боранија можете да го погледнете ОВДЕ.