Ако го немате овој рецепт, запишете си го, а првата пригода направете го. Подготвувањето на домашна лутеница не е едноставна задача, бидејќи одзема време (некогаш се потребни два дена) и труд.
Затоа, секогаш е добро при рака да имаме испробан и докажан рецепт со кој не можете да погрешите. Овој рецепт наследен ми е од мајка ми, која пак го наследила од својата баба.
Потребни состојки: 20 кг црвени пиперки, 10 кг домати, 5 кг модар патлиџан, 3 кг моркови, 4-5 лути пиперки (по вкус), 1 кесичка мелен црн пипер, 1 кесичка мелен кумин, 2 супени лажици чубрика, 1 литар масло, 200 г шеќер, сол по вкус
Постапка: најпрво доматите излупете ги (од задната страна засечете ги во крстче, па попарете ги со врела вода 1 минута, а потоа веднаш прелијте ги со ледена ладна вода. на тој начин лупењето е многу полесно).
Откако доматите ќе ги излупите, потоа сомелете ги во блендер или со машина, па ставете ги во подлабоко и широко тенџере (или плех или со што и да располагате), па на не многу силен оган.
Започнете го готвењето на доматното пире кое на почеткот е ретко, па може полека и не многу силно да се меша, но подоцна како ќе згуснува, потребно е поенергично мешање за да не загори. Со лажицата поминувајте насекаде по дното, за да не „зафати“ на ниедно место.
Пиперките испечете ги, па ставете ги во некој сад и поклопете ги, или едноставно затворете ги во пластична кеса за да се попарат. Потоа, откако малку ќе подизладат, излупете ги и исчистете ги од семето и дршките.
Излупените пиперки оставете ги во еден поголем сад или плех малку подигнат накосо за да се исцеди од нив вишокот течност. Потоа, и пиперките сомелете ги исто како и доматите.
Модриот патлиџан испечете го рамномерно од сите страни, па и него ставете го во најлонска кеса за да се попари. Потоа излупете го, исечете го на парчиња, посолете го и оставете го да се исцеди два часа.
Потоа сомелете го. Морковите исчистете ги, излупете ги и сварете ги во солена вода, а потоа сомелете ги. Мелените пиперки, модри патлиџани и моркови, внимателно додајте ги во свареното доматно пире.
Потребно е непрекинато да мешате. Во еден момент лутеницата може да почне да прска, па затоа користете висока дрвена лажица и бидете облечени со долги ракави и панталони. Кога ќе се преполови смесата, додајте ситно исечкани пиперки. Постепено се додава и маслото, малку по малку, а потоа и зачините: сол, шеќер, чубрица, кумин и црн пипер.
Од сè додавајте малку по малку додека непрекинато мешате. Повремено вкусувајте и оценете кога е доволно солено. Лутеницата се готви на тивок оган сè додека лажицата да почне да остава бели траги по дното од садот.
Готовата лутеница се трга од оган, се остава малку да подизлади, па се полнат теглите и се затвораат со стерилизирани капаци. Потоа теглите се пастеризираат: се редат во длабоко тенџере со крпа на дното и се долева вода, два прсти под капаците од теглите.
Откога ќе зоврие водата се намалува на умерено и се вари 15-20 минути. Теглите внимателно се вадат, се превртуваат за да се вакумираат и така се оставаат да се оладат. деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.