I РЕЦЕПТ – Кифлички со јогурт и кисела павлака за 20 минути – ЖУ ЖУ. Брзи, вкусни, подобри од купечките! Можете да ги приготвувате за разни слави, родендени и други свечени пригоди, но можете да ги правите и секој ден, бидејќи на сите им се омилени и сите ќе ви ги бараат.
Потребни состојки: 100 мл јогурт, 100 мл кисела павлака, 100 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 40 г свеж квасец, малку сол, 700 г брашно +- За фил: 250 г путер/маргарин, 200 г + 200 г ситно сирење, 200 г салама, 1 белка
Постапка: Павлаката, јогуртот и млекото малку замлачете ги, додадете шеќер и квасец и уште 4 мали лажички брашно. Кога ќе се активира, додадете ги другите состојки, замесете тесто и оставете на топло место за да стаса и да го удвои својот волумен.
Потоа развлечете една голема кора, преку неа изрендајте еден ладен маргарин и наросете 200 г ситно сирење. Свиткајте во ролат кој треба да отстои половина час, па повторно се развлекува голем правоаголник кој се сече на пет ленти. Во цик-цак се сечат лентите за да се добијат тријаголници.
Се филуваат со 200 г сирење и салама сечкана на коцки. Се премачкуваат со разматена жолчка. Можете да ги замрзнете па да ги вадите и печете по потреба. Печете ги додека да добијат убава боја на 180-200 степени, во зависност од вашата рерна. / recepti.com
II РЕЦЕПТ – Домашни жу жу – многу вкусни и лесни за приготвување. Фотографија и рецепт на Драга Јовановиќ. Многу се вкусни, едноставни за приготвување а рецептот веднаш ќе го запамтите, штом еднаш ги направите. Погодни за секаква пригода.
Потребни состојки: 1 квасец, 1 лажичка шеќер, 200 мл млака вода, 200 мл млеко, 4 лажици масло, 2 јајца, 1 лажичка сол, 1 кг брашно, 250 г маргарин растопен, 1 јајце за премачкување, сусам и сончогледови семки за наросување одозгора.
Постапка: Во млака вода растворете го квасецот и додадете малку шеќер. Оставете да отстои 5-10 минути на топло додека да се активира и запени. Потоа додадете го млакото млеко, две јајца кои претходно биле оставени на собна температура, 4 лажици масло и малку сол, па промешајте.
Во течната смеса со квасецот постепено додавајте го просеаното брашно и матете постојано со лажица или жица. На крај замесете го тестото со рака. Добиеното мазно тесто поделете го на 8 топчиња. Покријте ги и оставете ги да одморат 10-тина минути.
За тоа време растопете го маргаринот и малку посолете го. После 10 минути секое топче развлечете го во кора со величина на мала чинија, па секоја одозгора премачкајте ја со маргарин и редете ги една врз друга. Само последната кора не се премачкува.
Вака наредените кори една врз друга ставете ги во некоја поголема плитка чинија, а потоа оставете ги во фрижидер да се одморат и изладат во времетраење од 35 минути. По изминатото време развлечете една кора на работната површина која потоа ќе ја исечете на коцки.
Жу-жу коцките редете ги во плех обложен со хартија за печење и повторно оставете ги половина час да стасуваат и да се удвојат. Потоа премачкјате ги со јајце и наросете ги со сусам и сончогледови семки. Печете ги во загреана рерна на 200 степени додека убаво да заруменат. / Фотографија и рецепт на Драга Јовановиќ
III РЕЦЕПТ – Погачици со сирење, од 3 состојки, подобри од Жу-Жу! Фотографија и рецепт на Марина Станојевиќ. Некогаш е подобро да си задоволен со она што го имаш и да не бараш повеќе. А веќе доста долго време имав одличен рецепт за погачици со сирење.
Се прават брзо, од практично три состојки, тестото може да се замеси порано и да се чува во фрижидер неколку дена, погачиците може да се замрзнуваат и пред и после печење, вкусни се многу и први се изедуваат на секоја прослава. Но мене тоа не ми беше доволно и посакав да се листаат како оние жу-жу.
Воведов постапка за превиткување на тестото при приготвувањето и ја постигнав целта, но добив и повеќе од што ми треба – погачиците толку многу се разлистаа и отидоа во вис, што некои и повторно паднаа долу. Имаше секакви случаи како што може да се види на фотографиите.
Навистина многу нараснаа и тоа без квасец и прашок за печиво. Иако тестото не го развлеков дебело, веројатно и тоа беше премногу за премалиот калап како основа, па добив и не баш репрезентативни примероци. Поради тоа ви советувам сепак да го прескокнете тој чекор и да ги правите по старата, утврдена, скратена постапка.
Потребни состојки за тесто: 300 г сирење, 300 г путер/маргарин, 300 г брашно, сол. НАПОМЕНА: Можете да користите количини на состојките по желба, но важно е сите три да бидат застапени во еднаква количина. За премачкување: 1 јајце (помало). За поросување: сусам или семе по ваш избор.
ПОСТАПКА: 1.Замесете тесто од сирење, путер, брашно и сол (по вкус). 2.Тестото свиткајте го во провидна фолија и оставете фо во фрижидер најмалку еден час. НАПОМЕНА: Времето на стоење во фрижидер е од најмалку еден час до неколку денови. Најпрактично е да се остави преку ноќ, па следниот ден да го работите.
3.Извадете, развијте го со оклагија, па или превиткајте го како книга (постапка од сликата) или едноставно само со модла вадете кругови и редете ги на плех обложен со хартија за печење. 4.Премачкајте ги одозгора со разматено јајце и поросете со сусам, па печете во рерна загреана на 200 ° C додека да поруменат (околу 15-20 мин.)
IV РЕЦЕПТ – ЖУ-ЖУ Погача – Многу интересна и вкусна погача, а се приготвува на едноставен и доста интересен начин. Дадени се потребните состојки од кои се приготвува погачата, а самата постапка можете да ја погледнете во видеото на линкот што е дадено подолу.
Потребни состојки: 650 г брашно, 150 мл топла вода, 150 мл јогурт, 2 лажички сув квасец, 2 лажички шеќер, ½ лажичка сол, 3 лажици масло, 2 јајца, 2 чешниња лук и 200 г путер/маргарин. Доколку ве интересира, постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ.
V РЕЦЕПТ – Погачици со сирење готови за 15 минути, трипати побрзи и повкусни од обичните. Рецепт и видео презентација на Домашни рецепти – Погачици со сирење. Извонредно лиснато тесто за погачици со сирење, направено трипати побрзо отколку што се прави вообичаено. Нема чекање да се стаса и да се активира квасецот, нема чекање да стаса тестото.
Сè се прави одеднаш и набрзина, а резултатот е и повеќе од одличен. Пробајте! за да ги приготвите овие брзи погачици со сирење, ќе ви бидат потребни следните состојки: 300 мл млеко, 200 мл вода, 100 мл масло, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 40 г свеж квасец.
Уште ќе ви бидат потребни и 250 г маргарин или путер, 500 г ситно сирење, 1 кг брашно и една жолчка (опционо). Еве како се приготвува тестото: Во топло млеко додадете топла вода и здробете го свежиот квасец. Потоа додадете го шеќерот и промешајте.
Кога шеќерот и квасецот целосно ќе се растворат и ќе добиете еднолична течност, во неа додадете половина од брашното. Посолете со една лажица сол, и додадете го речиси целото масло (оставете на страна две лажици) и уште две полни лажици сирење.
Убаво промешајте ги сите состојки додека да се изедначат во еднолична смеса без грутчиња, па започнете постепено да го додавате и остатокот од брашното. На почетокот можете да мешате со лажица, но на крај убаво замесете го тестото со рака.
Тестото треба да биде ни претврдо, ни премеко, но не смее ниту да се лепи на рака. Кога убаво ќе го измесите, тестото прелијте го со оние две лажици масло кои ги оставивте претходно на страна. Уште малку измесете го колку да го прими маслото и измазни.
Оставете го кратко да отстои колку да го приготвите сирењето и маргаринот. Вкусете го сирењето, па доколку не е солено, додадете му уште малку сол, по вкус. Издробете го и промешајте го. Тестото веднаш развлечете го на малку набрашнета работна површина.
Развлечете го со помош на оклагија, а треба да добиете што потенка и што поголема кора со облик на правоаголник или квадрат. Врз половина од кората изрендајте маргарин, па преклопете. Потоа повторно на половина изрендајте го преостанатиот маргарин и повторно преклопете.
Развлечете го повторно тестото и преклопете го од левата страна кон десната на 1/3, па десната страна преку левата на третина. Вака добиената лента исто така преклопете ја на три дела. Притискајте со оклагијата а не валајте, за да не истекува маргаринот од страните.
Кога тестото доволно ќе се развлече, тогаш можете и да валате со оклагијата за да добиете малку поголема кора. Потоа, врз половината од тестото ставете сирење и рамномерно распоредете го. Преклопете го тестото и тенко исечете ги краевите за да се израмни.
Потоа можете да сечете правоаголници, помали или поголеми по ваша желба, па редете ги во намастен плех. Одозгора премачкјате ги со разматена жолчка, посолете уште малку одозгора (може да наросите и сусам), па вклучете ја рерната добро да се загрее на 200 степени.
Погачите нека отстојат додека рерната се загрева, а потоа ставете ги да се печат околу 20 минути. печењето може да варира во зависност од вашата рерна. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.