Одличен и проверен рецепт со кој ќе приготвите феноменални брзи мекици, а со кои ќе ги израдувате најмилите. Вкусни се и можете да ги послужите за појадок или вечера. Ова тесто е фино и одлично, а има рок на траење од седум дена доколку го чувате спакувано во фрижидер.
Пригответете го тестото, оставете го во фрижидер, па по потреба од него вадете си пржете си онолку мекици колку што ви се потребни. Тестото е одлично, воопшто не впива масло.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 квасец, 1 прашок за печиво, 4 јајца, 1 лажица сол, 200 мл јогурт и 1,4 кг брашно +-
ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте го брашното, додајте ги јајцата, прашокот за печиво, јогуртот, солта и млакото млеко со растворениот квасец. Замесете тесто исто како за кифлички, да не е тврдо.
Добро измесете го и ставете го во чист сад претходно намастен со масло. Прекријте го со најлонска фолија, намастена одвнатре со масло (за да не се залепи тестото кога ќе нарасне), па ставете го во фрижидер.
Вака приготвеното тесто може да стои во фрижидер до седум дена. Кога ќе посакате, извадете го тестото, па со влажни или намастени дланки формирајте мекици и пржете ги во умерено загреано масло, од двете страни. Преостанатото тесто вратете го во фрижидер.
Мекиците можете да ги јадете со сирење, со слатко од смокви, или со што сакате, преубави се и во слатка и во солена варијанта. / Сoolinarika II РЕЦЕПТ – Посни мекици меки како сунѓер, а толку вкусни, што никогаш не се доста. Пробајте ги.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 чаши (од 200 мл) брашно, 1,5 чаши вода, 2 супени лажици сув (инстант) квасец, 2 супени лажици шеќер, 1 чајна лажичка сол. И уште ќе ви биде потребно масло за пржење на мекиците.
ПОСТАПКА: тестото за овој тип на мекици не се меси – се меша со лажица! Ова тесто можете да го приготвите навечер или рано наутро. Ако го приготвувате одвечер, тогаш користете ладна вода, а ако го приготвувате наутро, тогаш користете топла вода. Во тој случај неопходно е помине еден час од моментот кога сте го сте го приготвиле тестото, до самото пржење на мекиците.
ПРИГОТВУВАЊЕ НА ТЕСТОТО НАВЕЧЕР: Во подлабок сад во кој ќе го замесувате тестото растворете го квасецот и шеќерот со ладна вода или млака, па почекајте 5 минути за да се активира. Додајте го брашното и солта, па продолжете да мешате со лажица, се додека да добиете една хомогена смеса.
Покријте го садот со капак, а доколку нема капак, тогаш покријте го со намастена најлон фолија или кеса, па ставете го во обичен фрижидер. наутро извадете го тестото, загрејте масло во длабок сад или во фритеза (бидејќи мекиците треба да пливаат во маслото).
Намастете ги рацете со масло, па црпете и кинете од тестото колку што можете да зафатите, растегнувајте ја мекицата тенко и спуштајте ја во загреаното масло. Кога ќе заруменат од долната страна свртете ги за да се испржат и од другата страна, додека да станат златни.
Самите мекици се пржат за многу кратко време, па затоа треба да внимавате да не ви прегорат (додека се завртите тие веќе може да поцрнат). Вадете ги и редете ги врз хартиена салветка. Вака приготвени можете да ги јадете во солена или слатка варијанта: да ги наросите со шеќер во прав или да ги послужите со сирење и јогурт.
ПРИГОТВУВАЊЕ НА ТЕСТОТО ЗА ИСТИОТ ДЕН: Во длабок сад за месење растворете го квасецот и шеќерот со топла вода, па почекајте 5 минути да се активира. Додајте го брашното и солта, па продолжете да мешате со лажица сè додека да се соединат состојките и да се добие хомогена смеса.
Покријте го садот и оставете го 15-тина минути додека да го зголеми својот волумен. Повторно промешајте го тестото, па покријте го и оставете го овојпат да стасува околу 30-40 минути, повторно додека да го удвои или утрои својот волумен. Понатаму постапката продолжете ја како што е опишано погоре.
На што треба да обратите внимание: Самото тесто треба да биде лизгаво и лепкаво, па затоа рацете треба да ви бидат намастени. Ставете си малку масло во една чинија, па секогаш пред да црпнете од тестото, намастете ги дланките во чинијата. Тестото треба да биде доста меко, лизгаво и лепкаво, но во никој случај течно.
Треба да можете да го држите во раце. Количината на брашното може да варира малку. Ако користите остро брашно, ќе ви биде можеби потребна малку поголема количина (зголемете ја количината за околу половина чаша). Јас користам италијанско брашно со висока содржина на глутен „Primo Gusto” или американското „Bouncer”.