Мал, весел бандит од речиси 3,5 години кој сè сака да јаде – напиша еден посветен татко кој заедно со сопругата успеал да ја добие битката и синот да го спасат од упорната габичка. Ова е неговата лична приказна.

-Сè започна со лошите резултати: од три примероци кои ги однесовме на анализа, во едниот беше изолирана габата кандида, а во двете резултатот беше, покрај присуството на габата и: “голема количина”.

Неколку месеци се боревме со кашлица, температура и вируси. Започнавме со гуглање. Мајка ми беше кај нас кога ги добивме лошите резултати и кога го читав списокот од забранетите намирници кои Лука не смееше да ги јаде: леб, млеко, јогурт, компир, овошје, слатко…

А бабата слушајќи го ова рече: Куку-леле, па што ќе јаде детето?

Списокот од дозволени намирници беше многу пократок од списокот на забранетите, а на овој се наоѓаа и некои егзотични за нас, намирници, како артичока, аспарагус, киноа, кокосово и сусамово масло…

Бидејќи Ана пронајде група на Фејсбук и се посоветува со некои веќе имаа искуство со овој проблем, уште истата вечер одлучивме: ќе ја промениме исхраната од корен.

Порачавме гел алое вера, дополнителни витамини, прополис и се потсетивме околу правилата на хроно исхраната.

Сфативме дека ќе мора на Лука да му објасниме дека нè чека борба против бактерија (знам дека е габа, не е бактерија, ама така ми беше полесно да му објаснам на мојот мал син) и дека ќе мора да биде послушен. Се договоривме дека кога ќе ја победиме оваа “бактерија” ќе направиме голема забава. Лука прифати: “Да ја победиме батеријата!”

Особено голем родителски предизвик беше како да му се објасни на малиот човек од три години дека неговиот две години помлад брат смее сè да јаде. Борба во најава.

ЛЕКОВИТ РУЧЕК:

Ана навистина се потруди да ги задоволи критериумите на Лука во борбата против “батеријата” и неговата исхрана да биде разновидна:

-Наместо шпагети од тесто, таа му приготвуваше шпагети од сечени тиквички со сос од телешко месо. Без купечки кечап, бидејќи содржи многу шеќер…

-Кекси од бадеми, ореви, рогач, цимет, сусам, поврзани со едно јајце и неколку капки стевија и неколку лажици маслиново масло.

-Мусака од модар патлиџан или тиквички со јунешко месо, кромид, билковни зачини, маслиново масло…

-паштета од варено пилешко месо, со лук и кромид, ситно мелено со зачини и младо сирење/милерам кој е дозволен во антикандида диетата…

-Сарми од свежа зелка: листовите се одвојуваат и бланшираат кратко, се потопуваат неколку минути во зовриена вода и веднаш се вадат. Се филуваат, преливаат со вода и се запекуваат во рерна. Во филот освен јунешко месо, лук и кромид, билковни зачини, се става и една рендана келераба наместо скробниот ориз, а филот на крај се поврзува со јајце.

-наместо сок, цеден цитрон, засладен со неколку капки течна стевија (мин 95%).

-од овошје само грени смит јаболка.

-единствените грицкалки кои му ги дававаме на малиот човек беа стапчиња од спелта.

Сфативме дека мора да бидеме упорни и дека ваквиот режим можеби ќе треба да го спроведуваме со месеци. Некаде прочитавме дека било какви отстапувања во текот на борбата, може да значи пролонгирање на добриот резултат. Го тешевме Лука дека мора да ја победиме “батеријата”, а потоа дека ќе правиме забава…

ВТОРИОТ ТЕСТ

После еден месец одлучивме да провериме до каде сме стигнале. Верувајте ми дека кога ги зедов резултатите од лабораторијата, веднаш ги прочитав и пресреќен тргнав кон автомобилот да гисоопштам убавите вести, ама застанав, се вратив, и со неверување прашав:

Љубезната жена од шалтерот: Да, повелете?

Јас: резултатите се негативни, дали тоа значи дека ја победивме?

Жената од шалтерот: Така е, резултатите се негативни.

Јас: Ама пред еден месец имавме голема концентрација и во прашање е дете од три години.

Жената од шалтерот: Па браво!

Следеше одење дома и скокање од радост: ја победивме “батеријата”. Лука не сфаќаше многу, ама и тој скокаше. Виктор плескаше со рацете и врискаше. Веднаш порачавме пица за четворица. Се прејадовме, па Лука двапати стануваше во текот на ноќта за да пие вода. Утрото се измокри во кревт. Ама, имавме забава…

ХРОНО ЛЕПИЊИ ПРОТИВ КАНДИДА

Минатата година со помош на хроно исхраната “стопив” двоцифрен број килограми и некои навики се потрудив да ги задржам. Она што ме радуваше беа популарните Наташини лепињи од 5 минути (може да се најдат на јутјуб, на интернет…) кои малку ги модифицирав. Еве го рецептот на кој многу сум горд, бидејќи го совладав и унапредив:

1 јајце

1 мала лажичка сода бикарбона

1 кисело млеко (и малку повеќе) или пред крај може кефир (околу 200 мл и малку повеќе)

2 чаши од 200 мл брашно (микс од спелта и овес/јачмен/хељда)

Сето наведено се меша (може да се додаде и малку мелено ленено семе и малку сончогледови зрна), а потоа се замесува со малку газирана вода. Се остава 45 минути да отстои.

Рерната се остава да се загрее на 200 степени, се става хартија за печење, се обликуваат лепињите со намастени дланки во маслиново масло, па одозгора се наросуваат со оригано. Се запекуваат околу 10-15 минути. Ги нарековме – Лукини лепињи.

Половина час пред секој оброк пиевме гел од алое вера. Оброкот го зачинувавме со приказни за Астерикс и Обеликс. Тоа се покажа како одличен метод, бидејќи Лука неколкупати дневно го пиеше волшебниот напиток од кој стануваше посилен.

Лепињите беа редовни за секој појадок, му ги носевме и во градинка за да му бидат замена за леб, а често му беа и дел од вечерата. Се комбинираа со путер или милерам, а одозгора му стававме сечкана сланина или варено јајце.

Втора опција беше појадок од кефир со овесни снегулки, сончогледови зрна и малку ленено семе. Најтешко беше што не можевме да му понудиме млеко. Неговиот омилен оброк беше бисквити со млеко. Ана успеа и најде рецепт за млеко од бадем, ама не успеавме да го убедиме. Среќа на Виктор му се допадна – со насмевка се сеќава таткото на Лука.