Лековитите својства на кокосот им биле познати на луѓето од тропските краеви уште од древни времиња. Доказ за тоа се жителите од јужен Пацифик кои 60% од дневните калории ги внесуваат преку консумирање на кокос, а се сметаат за најздрави луѓе на планетата кај кои нема регистрирано болни од срцеви заболувања. Од друга страна се смета дека тајната на убавината кај жените од Полинезија се крие токму во секојдневната примена на кокосовото масло. За примената на кокосовото масло во исхраната и козметиката и огромните благодети кои ги има прочитајте во текстот што следува.
Околу 92% од кокосовото масло го сочинуваат заситени масни киселини, 6% мононезаситени и 2% полинезаситени масни киселини. Се наметнува прашањето: што ги издвојува „штетните“ заситени масни киселини од кокосовото масло од заситените масни киселини од другите масла кои се препорачува да се користат во многу ограничени количини и по можност да се заменат со полинезаситените? Всушност составот на заситените масни киселини на кокосовото масло е она што го издвојува од другите масла. Имено, заситените масни киселини во кокосовото масло се масни киселини со средни ланци (60%). Овој тип на масни киселини во организмот се претвараат во енергија, а не се таложат во облик на масти, односно се апсорбираат во цревата од каде преминуваат во црниот дроб каде согоруваат и се трансформираат во енергија (не минуваат низ крвотокот и не формираат масни наслаги). Во составот на заситените масни киселини со средни ланци најзастапени се лауринската, капринската и каприлната масна киселина кои се најзаслужни за лековитите својства на кокосовото масло.
Кокосовото масло има голема нутритивна вредност и лековити својства поради што се смета за неверојатно важна состојка во исхраната. Поради лауринската и капринската киселина кои ги содржи и нивното претварање во моноглицериди кои имаат силни антимикробни својства кокосовото масло се смета за моќен антимикробен препарат во борба против инфекции. Кокосовото масло може да ја зголеми потрошувачката на енергија и да придонесе во процесот на губење на телесна тежина. Со губењето на телесна тежина е поврзано и мислењето дека кокосовото масло предизвикува намалување на апетитот што најверојатно се должи на процесот на разградување на масните киселини.
Заситените масни киселини во кокосовото масло го зголемуваат нивото на добриот холестерол, додека на лошиот го намалуваат. Врз основа на ова, но и според други истражувања кокосовото масло го намалува ризикот од срцеви заболувања. Редовното користење на кокосовото масло во исхраната доведува до нормализирање на метаболизмот, одржување на здравјето на гастро-интестиналниот тракт и подобрување на апсорпцијата на витамините и минералите.
Друга многу важна особина на кокосовото масло е што останува стабилно на висока температура. Имено, со загревање маслата стануваат нестабилни, склони кон оксидација и формирање слободни радикали кои на многу начини штетат на организмот и предизвикуваат разни пореметувања. Оваа особина не е целосно исклучена и кај кокосовото масло, односно и тоа станува нестабилно на многу висока температура (пржење), но има многу поголема стабилност од поголемиот број масла за јадење и со тоа се смета за многу побезбедно.
Освен што се користи во исхраната кокосовото масло е еден од најефикасните и најбезбедни препарати во козметиката. Имено, кокосовото масло брзо се впива во кожата правејќи ја притоа неодоливо мазна и мека, поради своите антимикробни својства е добар сојузник во борбата против кожните инфекции, го забрзува процесот на зараснување на рани, го одржува свежиот и младешки изглед на кожата.
Се смета дека редовната употреба на кокосовото масло е идеално решение за сува и испукана кожа. Поради масните киселини кои ги содржи во својот состав кокосовото масло е многу ефикасно за обновување на заштитниот слој на кожата со стимулирање на корисната микрофлора, индирекно спречувајќи го продорот на штетните микроорганизми. Поради оваа особина кокосовото масло се смета за многу ефикасно средство во борбата против габичните инфекции на кожата.
Една од најважните и на жените омилена особина на кокосовото масло е тоа што поради својата антиоксидантна активност, способноста за зацврстување на сврзното ткиво и отстранувањето на мртвите клетки од површниот слој на кожата е едно од најефикасните средства за одржување на здрав и младешки изглед на кожата. Поради способноста за отстранување на мртвите клетки од површината на кожата се смета дека редовната и долготрајна употреба на кокосовото масло е ефикасна за отстранување на лузни од најразлична природа. Поради способноста да блокира околу 20% од ултравиолетовите зраци кокосовото масло се користи во средствата за заштита од сонце или како масло за самопотемнување.
Освен како неопходно средство во негата на кожата кокосовото масло има големо благотворно дејство и за одржување на постојана нега и здрав изглед на косата. Имено, кокосовото масло го потикнува растот на косата, ја храни, регенерира и ја одржува нејзината природна влажност и сјај. Се смета дека кокосовото масло е многу ефикасно во борба против првутот. Доказ за ефикасноста на кокосовото масло се жените од тропските краеви кои поради долготрајната редовна употреба на кокосовото масло дури и во староста имаат густа, бујна коса без бели влакна.
Поради своето антимикробно и антивоспалително дејство, како и пријатниот мирис се препорачува мала количина кокосово масло да се додаде во течноста за испирање уста и пастата за заби со цел одржување свеж здив и здрав иглед на забите и оралната слузница.
д-р Кристина Денчовска
-авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели и/или реемитување на други портали