Оваа варијанта на витамин Б е многу поважна за нашето здравје отколку што си мислевте.

Веројатно сте забележале дека на амбалажата од производите на т.н.функционална храна (тоа е храна која покрај својата основна нутритивна вредност влијае и врз целните функции во организмот), како што се интегралните житарици, млечни производи со живи култури, јајца и други, стои информацијата дека содржат фолна киселина. Сигурно сте слушнале и дека фолната киселина ја внесуваат бремените жени за да спречат можни компликации во бременоста. Меѓутоа, какви бенефити има оваа киселина врз здравјето на мажите?

ШТО Е ФОЛНА КИСЕЛИНА?

Фолната киселина е синтетичка верзија на витаминот Б кој е растворлив во вода. Храната која ја содржи оваа варијација на витаминот Б, ја содржи во природна состојба, а фолатите од смрзната и преработена храна не се здрави.

Фолатите се неопходни бидејќи ги изградуваат црвените и белите крвни зрнца, ги претвораат јаглените хидрати во енергија и ја одржуваат структурата на ДНК. Фолатите заедно со витамините Б12 и Б6, холинот, метионинот, бетаинот, магнезиумот, цинкот и сулфурот играат клучна улога во метилацијата – биохемиски процес кој ги одредува функциите како што се изградба на клетки, хормонален баланс и јакнење на ментално здравје. Корист има и кардиоваскуларниот систем, се намалува ризикот од одредени облици на канцер, се зголемува отпорноста на организмот од настинки, а поволно делува и врз депресии.

Некои истражувања покажале дека фолатите од фолната киселина го зголемуваат бројот на сперматозоидите. Откриено е дека кај мажите кои земале 5 милиграми фолна киселина и 66 милиграми цинк дневно во времетраење од 26 седмици, нивото на здравите сперматозоиди се зголемило за 74%. Фолната киселина се користи во лекување на дигестивни заболувања како што е целијакија, но и кај проблеми со бубрези и црн дроб.

КАКО СЕ КОНСУМИРА ФОЛНАТА КИСЕЛИНА?

Во природна форма фолати има најмногу во таканаречениот зеленчук со зелен лист, како што е спанаќот, кинеското зелје и кељ. Други извори се жолчка од јајце, аспарагус, јунешки или пилешки црн дроб, портокали, леќа, семки од тиква, сончоглед и сусам.

Можете да пробате и со суплементи, но водете сметка околу изборот. Бирајте „активни“ форми на фолати кои сами се нарекуваат метифолати.

И додека фолната киселина може да биде одлична за одредени луѓе, мутацијата наречена MTHFR која создава одредени ензими кои ги разложуваат аминокиселините и спречуваат претворање на фолатите во фолна киселина, кај други луѓе може да биде опасна по здравје. Околу 25% од латиноамериканците ја имаат оваа мутација, додека кај белата популација носители на оваа мутација се околу10 и 15 проценти.

Водете сметка и околу дозите кои ги внесувате. Се препорачува дневен внес на фолати од околу 400 микрограми.