Оваа прекрасна фотографија е направена од „Малешевски еколошки чисти производи“, фан страница на која може да најдат многу вакви домашни производи. Вниманието ни го привлече токму оваа, од слаткото приготвено од сини сливи, а еве и зошто.




Секој плод е стаклесто проѕирен и надополнет со листот од миризливото слаткарче, па можеме само да го замислиме вкусот. Во сливите може да се додава и јатка бадем или парче јатка од орев, но тоа секако, по вкус. После нивното објаснување за тоа како се приготвува слаткото во Малешевијата, следи и рецептот на НМД.мк:




„Изобилството од витамини и феноли кои се содржани во сината слива ја чинат еден од најмоќните антиоксиданси! Еве, овојпат имате можност да ја конcyмирате во вид на слатко! Најпрвин сливите ги лупиме и потопуваме во винобран растворен во вода за да бидат така кристално проѕирни, (секако им ја отстрануваме семката).




Потоа се оставаат да киснат еден час во варова вода. Дури потоа следува варењето на слаткото. При ставањето во тегла додаваме лист од слаткарче со што дополнително ја збогатуваме аромата. Многу време и труд се потребни за подготовка на овој производ, но крајниот резултат е фантастичен – уште едно слатко кое мора да го имате во ваша зимница!“, велат од „Малешевски еколошки чисти производи“.




РЕЦЕПТ I – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг сливи, 1 кг шеќер, 1 лимон, 2 лажици вар, зачини по желба, излупени бадеми 35-40, 300 мл вода. Постапка: сливите (потврди, да не се презреани) измијте ги убаво во ладна вода, а потоа излупете ги. Секоја слива штом ја излупите потопете ја во варова вода.




Варова вода: Две лажици вар се раствораат во два литри ладна вода. Кога ќе се избистри кашата се процедува и се користи само бистриот дел. Сода бикарбона растворена во вода, може донекаде да ја замени варовата вода. За потопување на 3 кг сливи на пример, потребни се 3 литри вода и 30 г сода бикарбона.




Ако сливата е поситна, тогаш во еден килограм има 40 парчиња, а ако е покрупна тогаш се 35 на број. Сливите оставете ги во варовата вода да отстојат 2 часа. Потоа убаво измијте ги и вадете им ги семките со избивање на спротивната страна (со игла за плетење, штрафцигер..). На местото на семката ставајте еден бадем.




Шербетот сварете го од шеќерот и 300 мл вода. Варете ги сливите со повремено протресување на тенџерето. Додајте лимон исечен на тркалца, лист од слаткарче, ванила, каранфилче… Кога е варено слаткото прекријте го со мокра крпа, па следниот ден соберете го во тегли и уживајте во неговиот прекрасен вкус.




РЕЦЕПТ II – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг сливи, 1 кг 250 г шеќер, 2 лимони, ванила, ореви по потреба. Постапка: сливите треба да бидат зрели, но не презрели. Измијте ги добро и со остро ноже излупете ги. Со дрвце или друга направа извадете им ги семките и ставете ги во варова вода* да отстојат околу половина час (треба да бидат прекриени со варовата вода, па по потреба додајте уште вода).




Потоа сливите добро измијте ги и ставете ги во цедалка добро да се исцедат. Потоа во секоја слива ставете четвртинка јатка од орев. На оган ставете го шеќерот со околу една чаша вода да зоврие, па додајте стапче ванила искршено на парчиња (или ванилин шеќер), а некаде на половина од готвењето додајте два лимони исечени на тркалца.




Додека се вари слаткото не се меша туку повремено се протресува тенџерето. Вареното слатко се покрива со влажна крпа, а следниот ден се собира во чисти стаклени тегли. Се чува на ладно и темно место. На еден килограм сливи се става 1,25 кг шеќер.

*Варова вода се добива така што 250 г вар се меша со 2 литри вода. Потоа се додава уште 2 литри вода. Се остава некое време да се спушти талогот на дно. Бистрата вода која останува полека се одлива и тоа е варова вода.

Сода бикарбона растворена во вода, може донекаде да ја замени варовата вода. За потопување на 1 кг сливи на пример, потребни се 1 литар вода и 10 г сода бикарбона.