Посна салама од леќа и печурки: домашен рецепт без месо што изненадува со вкус
Во последните години сè повеќе луѓе бараат домашни алтернативи на индустриски месни производи, особено за време на пости или кога сакаат полесен оброк.
Овој рецепт за посна салама од леќа и печурки е одличен пример како од едноставни состојки може да се добие вкусен и хранлив намаз или салама што лесно се сече на тенки парчиња.
Текстурата е нежна и компактна, а комбинацијата од леќа, печурки и зачини создава богат вкус што одлично се вклопува во појадок, сендвичи или лесна вечера.
Дополнително, рецептот не содржи конзерванси или адитиви, што го прави добра домашна опција за оние што сакаат контролирани и природни состојки во исхраната, пишува НМД. Еве што ви е потребно:


Потребни состојки
• 100 г црвена леќа
• 100 г свежи шампињони
• 100 г црвена пиперка
• 4 лажици сок од цвекло
• 200 мл вода
Зачини
• 1 лажичка сол (или по вкус)
• 1/2 лажичка мелен црн пипер
• 1 лажичка сув лук
• 1 лажичка сув кромид
• 1 лажичка суво оригано
• 1 лажичка димена мелена пиперка
• 1 лажичка сув магдонос
• 1/2 лажичка куркума
Дополнително
• 1 кесичка агар-агар (растителен желатин)

Постапка
1. Црвената леќа добро измијте ја во неколку води додека водата не стане бистра. Ставете ја во сад, прелијте ја со ладна вода и оставете ја да стои преку ноќ за да набабри.
Веганска салама што ги освои социјалните мрежи: Без месо, без адитиви, а неверојатно вкусна
2. Следниот ден процедете ја леќата и ставете ја во сечко.
Додајте ги шампињоните исечени на четвртини и црвената пиперка исечена на парчиња.
3. Сипете го сокот од цвекло, додајте ги сите зачини и 200 мл вода, па изблендирајте додека да добиете мазна и густа смеса.
4. Подгответе висока стаклена чаша со мазна внатрешност, за подоцна полесно да ја извадите саламата.
5. Сипете ја смесата во тава со нелепливо дно и гответе на средна температура околу 8 минути, мешајќи повремено додека да почне да згуснува.
6. Агар-агарот растворете го во 3 лажици ладна вода, додајте го во смесата и продолжете со готвење уште околу 8 минути, со постојано мешање.
7. Готовата смеса префрлете ја во стаклената чаша и оставете ја да се излади на собна температура, а потоа ставете ја во фрижидер најмалку 6 часа.
8. Кога ќе се стегне, превртете ја чашата врз работна површина, почекајте околу една минута и лесно потчукнете за саламата да излезе.
9. Завиткајте ја во алуминиумска фолија и чувајте ја во фрижидер до 5 дена.
✅ Совет:
Посната салама највкусна е кога се сече на тенки парчиња и се сервира со свеж леб, зеленчук или во сендвичи.












