Многу корисен рецепт кој ќе ве спаси од голема мака – на овој начин во секој миг ќе имате свежо тесто во фрижидерот и по потреба да си вадите онолку колку што ви е потребно. Еден ден пригответе мекици. Друг ден пица, трет ден кифлички…
Никогаш нема да ви здосади со ова тесто. За солени печива ставете сол, а за слатки печива ставете шеќер. Одлично се обликува, па затоа некои го нарекуваат и магично тесто. Првиот рецепт и видео презентацијата се од познатиот канал на ди-го квасец, а вториот рецепт е во презентација на убавата Русинка и можете да го поглчеднете подолу во текстот.
Потребни состојки: 200 мл млако млеко, 1 коцка свеж квасец (42 г) или 2 кесички сув квасец, 1 лажичка шеќер, 1 кг брашно (меко), 1 прашок за печиво (10 г), 2 лажички сол (за солено тесто), 2 чаши јогурт (од 180 г), 200 мл млеко и 2 јајца.
Постапка: Во подлабок сад ставете 200 мл млако млеко и во него издробете 1 коцка свеж квасец, па додадете 1 лажичка шеќер. Промешајте за да се растворат состојките и оставете 10-тина минути за да се запени и да се активира квасецот.
Во еден килограм брашно додадете една кесичка прашок за печиво, промешајте и направете вдлабнување како бунарче. За солено тесто ставете две лажички сол, две чаши јогурт, 200 милилитри млеко, активираниот квасец и две јајца отстојани на собна температура.
Промешајте најпрво со лажица, а потоа продолжете го месењето со рака. Тестото е меко и малку лепливо. Земете една поголема кеса во која ќе го сместите тесото, па намастете ја од внатрешната страна. Тестото истресете го во кесата, испуштете го воздухот и врзете ја кесата добро.
Може да го ставите и во некој намастен пластичен сад и добро да го затворите со капак или стреч-проѕирна фолија, но најдобро е да го чувате во кеса. Кесата вратете ја во садот и ставете ја во фрижидер. Штом стаса тестото можете слободно да го користите (за неколку часови).
Со намастена рака или лопатка откинете онолку колку што ви е потребно. Кесата повторно врзете ја на истиот начин како и првиот пат, па вратете го тестото во фрижидер. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. А еве како Русите го прават „лудото“ тесто:
Тестото буквално се приготвува за многу кратко време. Многу е еластично и од него може да се приготвуваат најразлични печива со различна форма. Потребни состојки: 200 мл млака вода + 200 мл топла вода, 500-550 г брашно, 2,5 лажички сув квасец, 1 лажичка сол, 1 лажица шеќер и 2-3 лажици растително масло
Постапка: во топла вода растворете го квасецот со шеќерот. Во половина од просеаното брашно направете вдлабнување, па додајте ја чашата млака вода со растворениот квасец и шеќер.
Додајте масло и сол. Постепено додавајте го остатокот од брашното и месете со рака, а на крај домесете го на работна површина. Треба да добиете средно меко, еластично и мазно тесто кое не се лепи на рака.
Тестото е доста еластично и лесно за изработка, веднаш од него можете да си направите пирошки (како што е прикажано во видеото подолу). Кинете мали парчиња од тестото, развлечете кори, полнете ги со фил по желба и пржете ги во умерено загреано масло.
Остатокот од тестото завиткајте го во малку намастена кеса и чувајте го во фрижидер до една седмица. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.