Ова е многу вкусна обланда со плазма, прелиена одозгора со бело и црно чоколадо, а се приготвува за неполни половина час. Многу е вкусна и обилна, брзо се приготвува од состојки кои секој ги има во кујна. Сите се воодушевени од вкусот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мала обланда): 125 г путер или мнаргарин, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 25 г чоколадо за готвење, 1 чаша кисела павлака 20% мм (180 г), 150 г мелена плазма или бисквити по избор, 1 пакување мала обланда. За глазура: 100 г чоколадо за готвење + 3 лажици масло. За декорација: 50 г бело чоколадо, 1.5 лажица масло, 1 лажица млеко




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за голема обланда): 250 г путер или маргарин, 200 г шеќер, 2 кесички ва нилин шеќер (20 г), 50 г чоколадо за готвење, 2 чаши кисела павлака 20% мм (360 г), 300 г мелена плазма или бисквити по избор, 1 пакување голема обланда. За глазура: 200 г чоколадо (црно и бело), 6 лажици масло. За декорација: бело чоколадо по желба




ПОСТАПКА: Путерот исечете го на коцки и ставете го во еден подлабок сад, додајте 100 г шеќер (а кој сака послатко, може и повеќе, 150 г), ванилин шеќер и чоколадо искршено на коцки. Садот ставете го на умерено ниска температура и загревајте со непрекинато мешање додека сите состојки да се растопат.




Кога мешавината ќе се изедначи, тргнете го садот од оган, па додајте една мала чаша кисела павлака (180 г), па добро промешајте со лажица додека павлаката да се растопи и инкорпорира во смесата.




Дури потоа додајте ја мелената плазма (или бисквитите по ваш избор). Мешајте брзо додека смесата е сè уште топла, за што подобро да се впијат бисквитите и соединат со влажните состојки.




Добиениот кремаст фил одокативно поделете го на четири делови, за да можете рамномерно да ги премачкате листовите обланда. На работна површина поставете еден лист обланда со крупните коцки свртен нагоре.




Рамномерно распоредете една четвртина од филот и убаво израмнете. Поклопете со втор лист обланда и повторно премачкјате го со фил. Продолжете ја постапката додека да го потрошите материјалот и го поставите 5.лист обланда.




Оптеретете со нешто тешко одозгора и оставете во фрижидер да се стегне 1-1.5 час. Потоа декорирајте со растопено чоколадо помешано со масло (на тивок оган или во микробранова печка), па сечете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.