Април е месецот кога цвеќето Ладолеж се сее директно во градината. Посадете го некаде близу оградата, некои решетки, скали или слично, за да му обезбедите потпора по која ќе може да „лази“ и да се искачува, бидејќи ова цвеќе спаѓа во групата на ползачи.
Ладолежот можете да го посеете и во саксија, но таа мора да биде некоја долгнавеста и длабока и веднаш да ги поставите решетките или скаличките по кои ќе ползи цвеќето. Цел еден ден, односно 24 часа пред да одлучите да го посеете ова прекрасно цвеќе, потребно е семето да го потопите во чај.
И тоа не било кој чај, туку во млак чај од камилица (речиси на собна температура) и така да го оставите до следниот ден. На овој начин семето побрзо ќе из‘рти и ќе никне, а потоа брзо ќе се развива и бујно ќе цвета.
Ладолеж расте во висина до 2 метри и може да се најде во различни бои, но и да има и двобојни цветови. Секое утро ладолежот ги отвора своите трубички, а во текот на ноќта ги затвора. Редовно отстранувајте ги прецветаните цветови и редовно полевајте го, но не дозволувајте „да плива“ во вода.
Како и секое цвеќе, така и ладолежот бара да се прихранува во текот на интензивната сезона на цветање, бара доволно сонце и вода. Еднаш посеаниот ладолеж, со години ќе расте на истото место, бидејќи самиот се размножува. Кај народот постои верување дека ова цвеќе го штити семејството од негативната енергија на другите луѓе.
ПРОЧИТАЈТЕ И: Цвеќе на балкон, тераса или прозорец
Во градовите балконите и терасите често претставуваат единствено место каде што може да се одгледува цвеќе на отворен простор. Балконите и прозорците со цвеќето претставуваат исклучителен украс и за дворовите и за улиците. Таа мала „градина” може да стане гордост и радост на станарите, а воедно и убава слика за сите минувачи и соседи.
Растенијата на терасите, прозорците или на оградите имаат отежнати услови на раст. Изложени се на силни ветрови и сонце, чие пак дејство е засилено од близината на ѕидовите и прозорските стакла.
Затоа треба да се изберат сорти на цвеќе кои не се многу чувствителни и кои се отпорни на ветар и сонце. Освен ова, треба да се познаваат и основните животни услови на одредени видови на растенија и да се води сметка на кое место се поставени.
Многу важно е да се знае на која страна на светот се свртени прозорците и балконите. Некои видови не поднесуваат силна сенка, па така во сенка или воопшто не цутат или пак цутат многу слабо. На други пак им пречи силното сонце. Затоа, при садењето и негата на овие растенија треба да им се посвети посебно внимание.
Доколку прозорците се наоѓаат во приземје или на првиот кат и блиску до улицата може да се одберат цвеќиња со нежни бои и поситни цветови и листови. Доколку сакате да ги украсите прозорците или балконите на трет, четврт или петтиот кат од зградата, кои се прилично оддалечени од улицата, треба да се одберат растенија со поживи бои, со покрупни цветови и листови, како и растенија чии стебла не стојат исправено, туку „паѓаат”. На тој начин, цвеќето ќе постигне најдобар ефектот кај минувачите кои набљудуваат од поголема далечина.
Во секој поединечен случај треба посебно да се одлучи кои растенија ќе се одгледуваат. Многу убави ефекти може да се постигнат и со еден вид или сорта, како и со разни комбинации.
На пример, портокаловите „мињон георгини” со сини лобелии од предната страна, мушкатли-пеларгонии во комбинација со аргуратум, петунии, тегерес, аспарагус спренгер и други. Овие растенија цутат приближно во исто време и многу добро се надополнуваат со својата боја и раст.
Доколку имате желба и можност, може многу порано да посадите цвеќе кое рано цути, па подоцна да се заменат прецветаните растенија со други едногодишни растенија.
За рано цутење може успешно да се одгледуваат разни видови на цвеќе со луковици како што се: крокуси, лалиња, зумбули, нарциси.
Изборот на едногодишни растенија е многу поголем отколку што вообичаено се мисли. Покрај пеларгонијата и петунијата кои веќе се испробани за оваа намена, има уште многу видови со кои може да се постигне шаренило и да се внесе промена: астер (убава ката), агератум, лобелија, цинија, вербена, целозија, салвија (пламенче) и многу други.
Доколку сакаме да се заштитиме од сонцето и непожелните погледи, може да засадиме ползавци. За оваа намена најдобри се ладолеж, италијански грав, мирислива граорка, кобеа, маурандија со ѕвонести цветови, бршленот…
Може да се постават и висечки корпички со: ѕвончиња-campanula isohylba, campanula isohylba Маyi, висечки мушкатли – пеларгонија, аспарагус спренгер и многу други. Растенија кои најмногу поднесуваат сенка се: хортензиите, кртулеста бегонија, бршлен, vinca major – зимзелен и аспарагус спренгер.
Негата на цвеќето во лето се состои во полевање, потоа прекопување, отстранување на прецветаните или суви цветови и листови, како и прихрана. Поголемо количество на вода им е потребно на растенијата за време на врелите летни денови.
Поливањето на цвеќето треба да се прави со устоена млака вода. Во лето треба да се намокрува и подот на балконот, но притоа да се внимава да не се намократ цвеќињата кога се големи горештините.