За време на студените зимски денови, нашите мајки често ни го готвеа овој овој прекрасен напиток. Салепот е убав, топол, сладок пијалок идеален за студените зимски денови, со потекло од Блискиот Исток.
Сите кога бевме деца го пиевме топол и наросен со цимет. Салепот во прав се добива од суви, мелени корења на неколку видови диви орхидеи (или главици). Кај нас салепот се подготвува од сушени, мелени и преработени главици од видот Orchis morio.
Орхидеите кои се погодни за производство на салеп имаат уникатна структура. Коренот на овие орхидеи, има јајцевидна форма и се состои од две луковици. Поголемата луковица го храни цветот, додека помалата е резервна. Производителите најчесто ја користат помалата, резервна луковица.
Кога таа е отстранета, поголемата луковица започнува да генерира нови луковици и на тој начин цветот продолжува да живее. Здравите, сочни и развиени луковици се откопуваат кога билките цветаат или по нивно прецветување.
Собраните корења се мијат во ладна вода, а потоа се оставаат неколку минути во топла вода за да се деактивираат ензимите во нив, па дури потоа се сушат на сонце. Поради големата количина на слуз која ја содржи, од коренот се приготвува густа, вискозна течност, која популарно се нарекува салеп.
Подготовката на салепот, од ливада до чаша оди вака: се вадат корењата-главици, се мијат од земја, се чистат од надворешната обвивка и се варат кратко, по можност во сурутка. Потоа се сушат прво на воздух, па во специјална сушилница, додека да станат речиси кристално проѕирни.
Потоа се мелат во прав, се просејуваат и добиената прав се чува на суво место. Инстант салепот само се полива со топла вода, бидејќи веќе ги има сите потребни состојки. Чистиот салеп е нешто поскап, од 50 г добивате 3 литри од овој вкусен напиток. Се подготвува на следниов начин:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар вода (или млеко), 1 лажица салеп во прав, шеќер, цимет или ѓумбир. ПОСТАПКА: Помешајте една лажица салеп во прав со чаша млака вода за да нема грутчиња. Кога водата во тенџерето ќе зоврие, додајте шеќер, варете кратко со мешање, па додајте го изматениот салеп.
Гответе на умерена температура додека да се добие густа, малку слузава течност. Се прелива во стаклени чаши или обични шолји, а по површината се посипува ѓумбир или цимет во прав.
Се користи и како лек за воспаление на цревната и желудечната слузокожа, особено за разни видови стомачни проблеми. Салепот ја обложува оштетената слузокожа на дигестивниот тракт со заштитен слој кој спречува понатамошно оштетување и овозможува закрепнување на оштетените места.
И не само што овозможува, туку и учествува во заздравувањето на слузокожата, зајакнувањето на слузокожата и функционалноста на слузокожата на дигестивниот тракт. Поради овие својства се користи и како природен лек за сите болести на респираторниот тракт.