Подготовки на зимница се во полн ек, а повеќето домаќинки традиционално прават различни деликатеси со надалеку познатите македонски пиперки, а секако, речиси задолжително секоја година се приготвува и домашен ајвар.
Иако оваа работа чини и време и пари, нема ништо поубаво отколку кога членовите на семејството ќе отвораат тегла домашен ајвар и ќе се сладат во уникатниот вкус на печени пиперки пржени со лук, масло и оцет.
Но, кога треба да се подготви ајвар, сите знаат дека потребни се два дена, односно еден ден да се испечат и излупат пиперките, па откако ќе се исцедат преку ноќ, следниот ден се мелат и се пржи ајварот.
За оваа работа потребни се повеќе пара раце, но малкумина се оние кои сакаат да ја понудат својата помош, токму поради најмакотрпната работа од сите чекори во процесот, а тоа е лупењето на пиперките.
Отстранувањето на лушпата од пиперките може да биде здодевно и заморно, особено кога пиперките се со послаб квалитет и помалку месести. Дури тогаш домаќините сфаќаат какви пиперки купиле, дали биле изма-мени од продавачот или не.
За да не ви се случи ова, применете еден докажан метод за лесно и брзо чистење на пиперките, кој неодамна го споделија домаќинките, а истиот може да се спроведе за печени пиперки на рингла, рерна или плотна/скара.
Ставете големо и широко тенџере веднаш покрај шпоретот и подгответе повеќе кеси, во зависност од количината на пиперките. Додека ги печете пиперките, оние кои сметате дека убаво се испекле од сите страни, спуштете ги веднаш во кесата, а неа спуштете ја во тенџерето и поклопете со капак.
Кога ќе ја наполните кесата со пиперки, врзете ја и оставете ја да отстои најмалку половина час, а идеално би било два часа пред да започнете со лупење. Одврзете ги кесите со пиперки и повлечете ја печената лушпа во неколку потези.
Ќе забележите колку лесно и едноставно ќе ги излупите пиперките, така што подготовката на ајварот и другите зимски пиперки нема да ви биде тешка задача како што ви беше порано. Ако немате намера веднаш да ги лупите пиперките, можете да почекате да се изладат целосно и да ги ставите во замрзнувач.
По потреба, кога ќе ги извадите од замрзнувачот во текот на есента или зимата, многу лесно ќе ја отстраните нивната испечена лушпа и од нив ќе можете да направите вкусна салата или да ги сомелете, па да направите ајвар, пинџур, лутеница или некој намаз по ваш вкус.
Доколку живеете во стан и немате старинско ѓумбе со плотна и немате двор каде да го направите ајварот, а сепак сакате да си испечете пиперки, тогаш истите можете многу успешно да ги испечете во рерна, според методот прикажан во видеото ОВДЕ.