Можеби честопати се прашувате како да правите тинктура од лековити билки кои ќе бидат квалитетни и ефикасни. Домашните тинктури се многу лековити. Лесно е да се направи тинктура, но квалитетот на тинктурата може во голема мера да варира поради одредени услови.
Секое лековито растение има едно до неколку хемиски соединенија и активни супстанции кои се мерат во тинктурата, и во индустриски подготвената тинктура секогаш е запазено тоа ниво и концентрација на активната супстанција.
Со домашна тинктура ова не може да се исполни. Секоја домашна тинктура е единствена, односно нејзиниот состав никогаш не е ист, некаде има повисоки, а некаде помалку застапени активни супстанции.
Затоа, кога се прави домашна тинктура од лековити билки во домашни услови, треба да се земе предвид квалитетот на растението што се користи за растворот, јачината на ал-кохолот и времето на екстракција.
Домашната тинктура има долг рок на траење, иако со текот на времето, хемиските соединенија се распаѓаат и се губат некои лековити својства на тинктурата. Иако домашната тинктура нема стандардизирано ниво на активни супстанции, таа може да биде посилна и далеку подобра од индустриската тинктура, па ако е добро подготвена, таа е најчесто многу подобра од индустриската тинктура.
Ова е затоа што индустриските тинктури, поради нивното брзо производство, се прават со помош на дополнителна преработка на растението – мелење, забрзано сушење.. Тогаш индустриските тинктури брзо оксидираат, немаат оптимален баланс на лековити материи во нив како во домашната тинктура.
На прашањето како да направите тинктура која е квалитетна и ефикасна, одговорот се состои од три важни работи: Изборот на лековито растение. Секое лековито растение има време кога е исполнето со најмногу лековити супстанции во него и кога треба да се бере. Цветовите се берат веднаш штом процветаат, лисјата кога се целосно созреани, додека стеблото и коренот се собираат во есен или лето, во зависност од периодот на активната супстанција во растението.
Исто така, обратете внимание кој дел од растението е најлековит. Најчесто, стеблата немаат многу лековити состојки во нив, па затоа ако ја направите тинктурата со стебленца, а не со лисја или цвеќиња, постојат големи шанси да добиете лоша тинктура.
Од друга страна, на пример, стеблото на росопасот (руса трева) изобилува со лековит сок и најчесто се користи во подготовката на тинктури. Билките се берат кога времето е суво, сончево, околу пладне или час до два подоцна, бидејќи тогаш концентрацијата на активни супстанции е најголема во растението.
Билката треба да биде здрава, ослободена од паразити, инсекти, нечистотија и не ја собирајте доколку се наоѓа покрај патиштата, во градски населби, во полињата и овоштарниците што се прскаат, туку секогаш собирајте ја во еколошки чисти и незагадени области.
Ал-кохол или ракија. Најдобар растворувач за билките во тинктура е квалитетна ракија. Ракијата со добар квалитет, вотката, секогаш е подобар избор за тинктура отколку чистиот ал-кохол, но ал-кохолот има понеутрален мирис, па некои луѓе претпочитаат тинктури со ал-кохол отколку сливова или комова ракија.
Вотката е можеби најдоброто решение за тинктура ако можете да најдете домашна вотка. Ал-кохол од 45% или малку посилен се користи за посилна тинктура ако се извлекуваат лековитите својства од свежи растенија, корења или овошје.
Ал-кохолот во никој случај не треба да биде посилен од 55 до 60%, бидејќи силниот ал-кохол ги распаѓа фините молекуларни соединенија на лековитите супстанции. Подготовка на самата тинктура. Тинктурата се прави со преливање на ал-кохолот или ракијата врз лековитото растение или билка и се остава да отстои некое време, со повремено протресување.
Процесот на подготовка на тинктури е лесен, но не е толку лесно да се добие квалитетна тинктура. Секоја лековита билка е приказна за себе. Треба да знаете што сакате да извлечете од растението и за каква цел ја користите токму таа тинктура.
Затоа треба доволно да ги познавате билките, да знаете која билка какви лековити својства има и според тоа да ја наберете таа билка, да ја исечкате и да ја прелиете со ал-кохол. Во понатамошниот период, ал-кохолот го извлекува најдоброто од билката.
За да направите што подобра и полековита тинктура, потребно е концентрацијата на лековитите билки да биде што поголема во теглата за екстракција. Минималната количина на цврсти материи (лековити билки) за добра тинктура е 33% (1/3) од вкупната големина на теглата.
За екстракција се користи ал-кохол, јаболков оцет или глицерин, но ние предлагаме да користите чист ал-кохол (може и ракија) или јаболков ал-кохолен оцет, во зависност од тоа за која билка станува збор од која треба преку екстракција да ги извечете фитохемикалиите.
Стандардната тинктура се состои од цврста материја 33% лековити билки (1/3), течност за екстракција (ал-кохол) 66% (2/3) и потребно е да оставите празен простор на врвот од теглата околу 1 прст. За посилна тинктура потребно е 90% лековити билки, 10% течност за екстракција и празен простор од 1 прст.
Кога правите тинктура, ставете ги билките во блендер заедно со 40% ал-кохол (вотка или етанол) и добро изблендирајте. Прелијте ја смесата во тегла, протресете и почекајте да падне на дното цврстиот дел.
Ако е премногу густо, додајте повеќе ал-кохол, а ако е премногу течно, тогаш додајте повеќе билки додека да ја добиете посакуваната густина. Многу е важно да оставите еден прст простор во теглата, така што содржината добро ќе се измеша при протресување.
Тинктурата треба да отстои најмалку 15 дена пред употреба, но се препорачува ако имате доволно време за чекање да отстои 30 дена. За време на овој период, потребно е теглата да се протресува еднаш до двапати на ден. Некои тинктури се оставаат да отстојат со месеци, а тие се сметаат за најквалитетни.
По изминатиот период на екстракција, процедете ја тинктурата низ голема цедалка на која имате поставено газа (двојно цедење). Пред секоја употреба потребно е течноста да се протресе.
Тинктурите не смеете да ги чувате во пластично шише. Тинктурата подготвена со јаболков оцет, не смее да биде во контакт со метален сад, цедалка или нешто друго што е метално. Подгответе ја следнава тинктура од ѓумбир, ехинацеа и лута пиперка според горенаведените упатства.
Специфични тинктури за циркулација
Направете тинктура за циркулација со ставање помала количина на билки од вообичаеното. Количината на билки зависи од јачината, т.е. лутите пиперки, па додајте ја количината на пиперките по желба.
За циркулација се препорачува да се користи лутата пиперка хабанеро 100.000 – 350. 000 според Сковилова скала за лутина. По желба може да подготвувате и тинктури и многу полути пиперки. За оваа тинктура се подготвува 10% хабанеро пиперки, 90% ал-кохол и 1 прст празен простор.
Имуно тинктура – рецепт
Од рецептот излегува 4,25 литри, а за помала количина направете половина доза или четвртина. Потребни состојки: 150 г лук, 150 г црвен кромид, 150 г ѓумбир, 150 г рен, 150 г лута пиперка (хабанеро, кајен..).
Постапка: Сите состојки ставете ги во блендер заедно со јаболковиот оцет и добро изблендирајте. Прелијте во тегла, оставете ја тинктурата на полица и протресувајте ја два до трипати на ден. Минимално време да отстои е 15 дена, а се препорачува 30.
Антибиотска тинктура – рецепт
Потребни состојки: 3 литри тинктура од ѓумбир, 400 мл свежо процеден сок од лук. Постапка: Тинктурата од ѓумбир процедете ја низ газа и додајте го сокот од лук. Односот треба да биде 1:1. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска