Стимуланси се соединенија кои ја подигаат состојбата на будност. Тоа е збир од соединенија кои природно се наоѓаат во некои намирници (кофеин, теобромин, теофилин), но во текот на технолошкиот процес и вештачки се додаваат. Нивното ниво во финалниот производ е регулирано со добрата произведувачка пракса. Особено се присутни во чајот, кафето, какаото и разни газирани сокови.

КОФЕИН

Тоа е алкалоид присутен во некои намирници (кафе, чај, Кока-Кола). Го зголемува крвниот притисок, ја стимулира работата на бубрезите, привремно го отстранува уморот, ја зголемува концентрацијата, го подига расположението и стимулира активност, но ако се консумира често, ефектите би можеле да бидат спротивни, бидејќи тогаш делува депресивно.

Несоницата и други пречки се последица од хронична интоксикација со кофеин во текот на денот (3-5 шолји кафе или поголема количина на Кока Кола) кај некои луѓе.

Една шолја кафе содржи 60мг, а ако е посилно, околу 100 мг кофеин. Пастата од бразилско какао се смета за намирница со најмногу природен кофеин, а го содржи околу 2,7-6,4%.

Чајот е исто така голем извор на кофеин (50-60 мг/100мл), што е важно за оние кои го консумираат неколку пати дневно. Газираните сокови содржат од 12-18 мг/100 мл.

Чувствителните лица и децата може да покажат симптоми на акутна интоксикација (треперење, главоболка, телесна слабост) после само една или две шолји espresso кафе, каде има околу 120 мг кофеин или неколку чаши Кока Кола, каде просечно има 40-60 мг кофеин.

КОФЕИН И СПОРТИСТИТЕ

Ако се погоди оптималното време за консумирање, кофеинот може да го продолжи времето потребно за постигнување на границата на уморот.

Меѓународниот олимписки одбор го третира кофеинот како дрога, т.е. го лимитира наодот во урината кај натпреварувачот. Концентрацијата од 12 мг/л е прифатлива, но се’ што е над тоа, се смета за допинг. Околу 8 шолјички силно кафе може да покаже во урината дури 1 000 мг/л!

Колку е поголемо „искачувањето на крилјата“ на кофеинот, толку е поголем и падот: поголема доза не ја поправа, туку ја влошува ситуацијата! Колку почесто се консумира, дејството на кофеинот е се’ послабо.

Според бројни студии, кофеинот помага во метаболизмот на мастите со мобилизирање на масните киселини, со истовремена редукција на потрошувачката на гликогенот кај пролонгираниот тренинг или кај маратон, што е секако позитивно неговото делување. Кога ќе се погоди оптималното време за користење, кофеинот може да го продолжи времето потребно за постигнување на границата на уморот.

Последните добро контролирани истражувања покажаа дека, ако се консумира во доза од 3-6 мг/кг телесна маса, еден час пред настанот, кофеинот ја подобрува издржливоста.

Во една студија спроведена врз велосипедисти, истражувачите отишле чекор напред, па била користена доза од 9мг/кг телесна маса, со зголемена издржливост за најмалку 44%.

Секако, постои и друга страна на медалот, кој покажува дека кофеинот го зголемува лачењето на урина (диуреза), што поттикнува губиток на телесни течности. Дехидратацијата на која спортистите се особено чувствителни, останува отворен проблем при консумирањето на кофеинот, па тврдењето дека напитоците со кофеин предизвикуваат, наместо да ја гасат жедта, се токму на место!

СО КОФЕИНОТ ТРЕБА ДА СЕ УМЕЕ. Консумирањето на кофеинот за време на натпревари по правило е погрешно, посебно ако временски се одолговлекува. Во многу формули за слабеење кофеинот е редовна компонента, бидејќи се верува дека го забрзува метаболизмот на масните киселини и помага во процесот на топењето на мастите. Меѓутоа, кофеинот докажано го забрзува базалниот метаболизам, значи – потрошувачката на калории, го забрзува дишењето, продукција на урина и желудочна киселина.

КАКО ДЕЛУВА КОФЕИНОТ?

Кофеинот за 15 минути по консумацијата веќе се наоѓа во крвта, и додека е таму тој делува! Бидејќи делува како стимуланс на централниот нервен систем, кофеинот ја зголемува работата на срцето, што значи дека подобро работи, а периферијата е подобро знабдена со кислород. Докажано го скратува времето за реакција, аудитивна и визуелна. А истовремено тоа делување може да се почувствува и во подобрување на расположението, концентрацијата и мотивираноста (блага еуфорија).

Без сомнеж, за спортистите е пожелно и позитивно делувањето на кофеинот. Но, таквото делување кратко трае (30-60 минути), а тогаш настапува друга (депресивна) фаза. Колку е повисок летот, толку е поголем падот: поголема доза не ја поправа, туку ја влошува ситуацијата! Колку почесто се консумира, толку послабо делува. Експертите се сложуваат дека постои зависност/навика на кофеин, а некои дури го класифицираат во слаби дроги!

Користењето на кофеинот од намирници (каде, чај, гуарана) или како чист фармацевтски облик во вид на таблети или капсули, е прашање на избор. Секој кофеин е ефикасен, но сепак, се чини дека espresso кафето е најугодниот облик за лицата кои го поднесуваат.

Треба да се напомене дека, за разлика од таблетите со чист кофеин, кафето содржи бројни други соединенија (теофилин, параксантин, теобромин) кои во комбинација со кофеинот делуваат поинаку! Па сепак, група истражувачи предводени од д-р Грахам во експерименти направени со доброволци, го покажале спротивното, т.е. дека кофеинот во капсулите ја зголемува издржливоста и ја поместува границата на умор, за разлика од кофеинот во кафето. Иако овој феномен е тешко да се објасни, изгледа дека во кафето сепак, нешто го кочи ефектот на кофеинот.

Умерените дози на кофеинот се околу 250мг/дневно, што значи 3-5 шолји кафе, но секако и ова е индивидуално.

Несоницата е првиот знак дека станува збор за претерување. Зголемените дози или долготрајното консумирање на кофеин може да предизвикаат слабост, главоболка, нервоза, забрзан пулс, треска, мачнина, па дури и повраќање. Секое генерализирање на реакциите од кофеин е голема грешка. Степенот на чувствителност се разликува од лице до лице, за што секој треба да води сметка.