Една од најпознатите ароми на светот која се добива од специфичните долгнавести мешунки- ванилата, всушност потекнува од тропската орхидеа и претставува единствен плод кој се јаде, од фамилијата орхидеи. Најчесто станува збор за видот мексичка орхидеа со име Vanila planifolia.
Ванилата во природата расте како ползавец, до 5 метри висина, со долгнавести, кожести ливчиња и цветови со опен мирис, најчесто со бело-жолтеникава боја. Плодовите од ванила се вид на мешунки со должина од околу 15 см, на кои во текот на ферментација се создава ванилин во вид на кристални зрнца.
Оваа билка потекнува од денешно Мексико, каде живеело индијанското племе Тотонак. Со доаѓањето на Шпанците во 16.век, ванилата започнала да се користи во кулинарството и народната медицина. Таа и денес има посебно место во нивната култура и вера, како посебен подарок од нивниот Бог.
Легенда за ванилата
Според митологијата на племето Тотонак, легендата за ванилата започнува со принцезата Ксанат која била најстарата ќерка на поглаварот на племето. Била со исклучителна убавина и нежност, како и голема сила и одлучност. Нејзиното внимание еден ден го привлекло силното момче со име Зарахуин кој не бил истакнат во племето и не бил богат, но бил исклучителен уметник.
Со време помеѓу нив се развила љубов и секој слободен момент го поминувале заедно. Меѓутоа, кога поглаварот дознал за нивната љубов, и забранил на принцезата да се омажи за обичен смртник. За да бидат заедно, младиот пар избегал во шумата каде им се случила голема трагедија.
На местото каде била пролиена нивната крв, пораснала силна грмушка околу која се свила смарагдно зелена, нежна лозница со цветови со опоен мирис. Оваа глетка наводно ја претставувала прегратката на љубовниците, а плодот кој се појавил се сметал за свет подарок од боговите.
Доаѓањето на ванилата во Европа е заслуга на шпанскиот конквистадор Хернан Кортез, кој ја донел билката на нашиот континент во 1520 година. Подоцна оваа билка си го пронашла својот пат и до Африка и Азија.
Меѓутоа, поради потешкотиите со нејзиното одгледување надвор од нејзиното природно поднебје, ванилата станала привилегија за мал дел од светската популација. Се до 1810 година во Мексико бил на сила законот за забрана на нејзиниот извоз, а со самото тоа земјата држела монопол над нејзиното производство.
Денес ванилата се произведува ширум светот, а како најголем производител се издвојува Мадагаскар, при што е значајно и производството во Гватемала, Костарика, Уганда, Кенија, Кина, Индија, Индонезија итн.
Самиот род Ванила има околу 100 различни подвидови, од кои само 15 даваат плодови кои се одликуваат со посебната арома и мирис. Најпознатите видови на ванила потекнуваат од Мексичката ванила, Бурбон ванила како најзастапена на пазарот, Тахити ванилата и Гваделупе ванилата.
Покрај природната ванила, денес се произведува и вештачка ванила, првенствено поради високата цена на природната ванила и нејзиното огромно побарување. Едно истражување за застапеноста на синтетичката ванила наведува дека дури 98% од ванилата која денес се користи за додавање на мирис и вкус на широката палета од производи, е од синтетичко потекло, и виновник за нетолеранција и алергија.
Богатата и единствена арома на ванилата е високо ценета меѓу обожувачите на слатката храна и се смета за незаменлива, вечна класика во царството на вкусовите, додека нејзиниот мирис е еден од најчестите користени во индустријата на парфемите и козметиката.
Ванилата исто така се користи во народната медицина и се забележани бројни примери за позитивниот ефект врз здравствената состојба на пациентите. Во Мексико и денес се користи за намалување на температурата и за лекување болки, додека во европската медицина се верувало дека делува како афродизијак, а се користи и за лекување на хистерија и нервоза.
Во модерната медицина се спроведени бројни истражувања за да се испитаат благотворните дејства на ванилата и утврдено е дека пријатниот мирис на ванилата има позитивно делување врз подобрувањето на расположението, како и ослободување од стрес и нервоза, бидејќи има смирувачки ефект и позитивно делување врз централниот нервен систем. Исто така, потврдено е благотворното делување на ванилата кога станува збор за смирување на различни стомачни тегоби.
Студијата спроведена во болницата Св.Џорџ во Лондон покажала дека ванилата може да помогне и при слабеењето. Пациентите користеле фластер со мирис на ванила и било забележано значително намалување на потребата од слатка храна, со што значително се помогнало во слабеењето.