Сарделите се омиленото цвеќе на македонските домаќинства, па честопати може да се види нивната раскошна убавина во дворовите и балконите кај речиси секоја куќа или зграда. Цвета бујно во различни и јарки бои, а доста е едноставно нивното одгледување.
Сепак, за да се извлече максимумот од оваа билка, потребно е познавање за начините за нејзино правилно одржување и негување. Па така на пример, за да се одмори растението после цветниот период, истото мора правилно да се поткастри.
Подолу можете да ги прочитате инструкциите за тоа како правилно се поткаструваат сарделите, доколку сакате напролет тие да пораснат и да расцветаат уште побујно од претходната година.
Постојат две кастрења за сарделите: пролетно и есенско кастрење. Пролетното кастрење повеќе е естетско, има „козметички“ карактер, односно се регулира обликот на растението, според тоа како сака да изгледа грмушката.
Меѓутоа, есенското кастрење е од суштинско значење за билката. Тогаш растението се кастри темелно и ова треба да се направи до декември. Како да препознаете дека дошло време да се поткастри сарделата?
Прво, се забележува во надворешниот изглед на самото растение. Листовите се мали и пожолтени, а целата билка се чини како исцрпена. Цветовите што ги дава се исто така малечки или воопшто ги нема.
КАСТРЕЊЕ. За оваа намена многу е важно да користите остар нож, за да не дојде до ош-тетување на стеблата. Најдете го вториот лист-пупка од површината на почвата, па исечете го стеблото над него и отстранете ги листовите.
На овој начин исечете ги сите стебла. Засекувањата треба да бидат брзи, отсечни и прави, а не криви. Не треба да ве загрижува непривлечниот изглед на растението по едно вакво „кастрење“, бидејќи напролет тоа ќе биде многу бујно со многу убави и раскошни цветови.
Бидејќи вегетативната маса значително е намалена после кастрењето, затоа треба да го ограничите наводнувањето за да не изгнијат корењата. Залевајте само колку што е неопходно за одржување на билката во текот на зимскиот период.
Напролет ќе никнат многу пупки. Некои од нив ќе можете да ги користите за размножување на нови билки. Откако ќе ја исечете гранката, отстранете ги долните листови, па оставете го гранчето да мирува околу 20 минути. Ако гранчето имало цвет, истиот треба да се отстрани.
Потоа гранчето засадете го во претходно подговена саксија со дренажен слој 1/3 од неговата висина, а остатокот пополнет со плодна почва. Пред да се засадат во вака подготвената почва, гранчињата претходно треба да се потопат во чаша вода со некој cтимyланc за раст (купечки или домашно приготвен со млади врбови гранчиња).
Добро притиснете ја почвата околу гранчето, наводнете колку што е потребно, а потоа создадете ефект на стаклена градина: ставете го садот во пластична транспарентна кеса. Првите резултати доколку гранчињата се успешно закоренети, ќе ги забележите по околу три седмици.
Внимавајте на кондензирањето во стаклената градина: доколку забележите капки, отворете ја кесата, проветрете и отстранете ја кондензацијата. Потоа постепено прилагодете го новото растение на воздухот од просторијата (не ја отстранувајте нагло кесата, туку постепено подотворувајте ја).