Направете си сопствен сируп за разбивање на густиот секрет за полесно да дишете.
Воспалението на белите дробови или пневмонија претставува воспаление на белодробниот паренхим од различна етиологија. Факторите кои придонесуваат за развојот на болеста се: пушење, алкохол, загаденост на воздухот и придружни болести.
Воспалението на белите дробови го предизвикуваат бактерии, вируси, габички, како и различни физички и хемиски материи од надворешната средина. И покрај современата антибиотска терапија, воспалението на белите дробови и понатаму претставува голем здравствен проблем и може да доведе до смртен исход.
Кај типичните воспаленија на белите дробови, кои најчесто се предизвикани од бактерии, обично прво се јавува: кивавица, назална конгестија, болка во грлото, засипнатост и покачена температура. Покрај тоа, може да се јават главоболка, мијалгија (болка во мускулите и зглобовите) и изнемоштеност.
Кашлицата е речиси редовен симптом и во почетокот е непродуктивна (сува, надразнителна), а како болеста напредува станува продуктивна (влажна, зрела, со исфрлање бронхијален секрет или шлајм). Кај одделни лица типично воспаление на белите дробови може да биде проследено со потешка клиничка слика, односно отежнато дишење, плеврална болка, сè до конфузија и пореметувања на свеста.
Лекувањето може да биде насочено против предизвикувачот (каузално) и симптоматско (ублажување и отстранување на одредени симптоми на болеста).
Симптоматската терапија се применува кај сите воспаленија на белите дробови, а се состои од намалување на покачена телесна температура, со ладни облоги, туширање на болниот со млака вода, примена на лекови за намалување на температурата, односно антипиретици, потоа лекови за полесно искашлување на бронхијалниот секрет, со внес на витамини, доста течности и мирување.
Температурата треба да се намалува со антипиретици дури кога ќе премине 37,9 ˚C, бидејќи слабо покачена температура ги уништува микроорганизмите кои ја предизвикуваат болеста. Најважни антипиретици се ацетилсалицилната киселина и парацетамолот.
Може да се користат и нестероидни антиинфламаторни лекови (ибупрофен). Ацетилсалицилна киселина не се применува кај деца до 12 години. Парацетамолот е погоден за сите болни, може да го земаат и трудници. Со антипиретиците се ублажуваат и останатите тегоби, како што се главоболка, болки во мускулите и зглобовите.
Кај сува надразнителна кашлица, се користат антитусици, лекови кои го супримираат рефлексот на кашлање. Кај зрела, продуктивна кашлица, со исфрлање секрет, се применуваат лекови кои го подобруваат искашлувањето (муколитици, експекторанси) и добра хидратација на болниот.
РЕЦЕПТ ЗА ДОМАШЕН СИРУП СО КОЈ СЕ ПОДОБРУВА ИСФРЛАЊЕТО НА СЕКРЕТОТ
Потребни состојки:
1 лимон
1 см корен од рен
2 лажици мед
3 чаши вода
Постапка:
Лимонот и ренот убаво измијте го и излупете го. Лимонот исечете го на 4 дела и извадете му ги семките. Ставете го во блендер, додадете го ренот и заедно сомелете ги. Во смесата додадете топла вода (не врела) и мед, па измиксајте ги заедно уште 20 секунди во блендерот. Процедете.
Веднаш испијте половина чаша додека сè уште не се оладил, а остатокот складирајте го во термос или оставете го во фрижидер, но пред консумирање малку загрејте го или разблажете го со топла вода.
Најдобро е да го консумирате наутро, 20 минути после утринскиот чај и навечер пред оброк. Пожелно е овој напиток да го пиете еден месец, секој ден, а потоа да направите пауза од 7 дена, па повторно да ја повторите постапката од еден месец.
Напомена: Овој напиток го јакне имунитетот, ја исфрла слузта, но и ги согорува мастите во телото, со што може да поттикне е слабеење.
*Доколку имате висока температура и други тегоби, задолжително да побарате лекарска помош.