Како да се воспита дете на традиционален начин, објасни една мајка која плукна на модерниот пристап. Текст на Сања Тодоривиќ.
Се сеќавате ли на времето кога постарите беа авторитет? Јас се сеќавам многу добро. Ги сакав тие цврсто втемелени граници.
Беше доволно татко ми да ме погледне прекорно и не мораше ништо да ми рече за веднаш да ми стане јасно дека супата не треба да ја „сркам“ гласно или да зборувам со полна уста.
На наставниците им укажувавме почит со станување кога влегуваа во училницата и едногласно поздравување: Добар ден! Редовно носејќи ја домашната задача и уредната училишна престилка.
Родителите беа закон и ред. Ги слушавме бабите и дедовците затоа што тоа се очекуваше од нас и никому тоа не му претставуваше проблем. Ако не си добар во училиште, знаеш дека си „настрадал“ и дека те очекува казна и нема тука што да се зборува или преговара.
Нема надвор, нема велосипед, нема џепарлак, среќа ако не добиеш влечка на задникот веднаш по родителската. Зборот на родителите е последен.
Ако после воспитната прозбориш макар и едно зборче, следи предупредување: Ако те „опандрчам“, изма да зуиш три дена, ме слушна? Моето е последно. И после само климаш со глава, не вреди да ризикуваш да добиеш казна, викенд е.
Најлошото нешто што може да ти се случи е да требиш ориз со баба ти цел викенд. Многу ориз. Или да ги чистиш ркулците од двесте килограми изртени компири во подрумот.
Во сè имаше ред, а растејќи го прифативме како цврсто поставена граница која не треба да се премине. Не ти се допаѓа боранија за ручек? Ќе ја јадеш за вечера. Не сакаш ни за вечера?
За појадок те чека истата боранија. Тогаш сфаќаш колку е гадно, па веднаш ја јадеш за ручек кога ќе ти ја послужат.
Што има благо за јадење? Има јаболка. Нешто друго?….послатко? Јајце со шеќер или изрендај јаболка со шеќер, јади шеќер, не знам… Има уште пет дена до пензија, па ќе има сладолед.
Наградите за одличен успех во училиштето и општото добро владеење беа многу скромни и бескрајно ги очекувавме. За одличен успех добив нешто посебно од мама и тато. Се сеќавам на првиот вокмен.
И учев за тој вокмен дење и ноќе, пишував реферати, ги коригирав оценките само за да можам да ги слушам Blondie и Depeche Mode во одење, во зелените старки што ги добив минатата година за одличен успех.
Старките тогаш беа најдобро што можеше да имаш во однос на обувки, ако ти ги донесе некој од Америка, инаку добиваш патики од продавницата Борово и тераш додека да се скинат, тоа си го добил.
Не можам да сфатам што се смени во меѓувреме во однос на воспитувањето на децата и системот на наградување.
Децата денес имаат многу нешта и не се радуваат на ништо посебно. Мрзеливоста и зависноста се третираат како „таков е, што ќе правам со него“. Што стана со игрите „здрвен дедо“, криенка, ластик, камај? Интернетот се случи.
Парковите и дворовите се заменети со социјалните мрежи. Преку ноќ. Подмолно. Ние го прифативме. Го поздравивме. Тие се приклучија на тој вид на дружење за кое се потребни само компјутер и струја. Децата се дружат на интернет. Внатре.
Како родител го следев стариот рецепт на моите родители како да ги спречите вашите деца да ви го јадат мозокот или како да останете нормални, авторитативни и да имате неограничена слобода на движење.
Се чини дека стана тренд да не постојат граници или родителите да не знаат како да ги постават и да ги одржуваат стабилни. Она што суштински се промени е дека децата се третираат како да се направени од морска пена.
Понекогаш застанувам и ги набљудувам младите родители во парковите. И ги жалам. Гледам дека се мачат, фрустрирани се, не можат да го совладаат роденото четиригодишно дете. Ги бркаат низ паркот со чиниите во рака и ги хранат додека трчаат, бидејќи „само така сака да јаде“.
Тие трчаат по нив за да ги спречат да паднат. Нека падне, како ќе ги развива моторичките способности на сопствените раце и нозе ако не знае дека постои и можност… да падне.
Мојот не јаде спанаќ, мојот не јаде месо, сака само компири, овој мој не спие до полноќ…
Зошто не спие, добро пишува во книгата на д-р Спок: Стави ги во кревет нахранети, преоблечени и исклучете го светлото. Во девет во кревет брат. Плачи, не ми е гајле, и јас сум живо суштество. Каде се моите пет минути?
Јас ги родив, а не тие мене. Има време и место за јадење, спиење, играње и нема компромис. Едноставно тоа е така. Целта на родителството не е да се биде негов роб, туку да се направи доблесен човек со стекнати здрави навики.
Да се изгради здрав, разумен однос со детето каде што се знае дека меѓусебното почитување е најважно, како и доследноста на секое изговорено правило.
– Извинете, ми рече една млада жена, вашето дете јаде земја.
– Знам, нека јаде ако сака. Мало животинче е, ако не му се допадне, ќе ја исплука.
Не стекнав многу истомисленици во тие спонтани, заеднички собири по парковите. На многумина им изгледав чудно и ме избегнуваа. И јас го разбрав тоа. Не зборував додека не ми беше поставено прашање. Ваше дете, ваша грижа.
Жал ми е да те слушам колку грешиш, млада жено. Грешиш затоа што му дозволуваш да се фрла на бетон и да те клоца затоа што не го добил дваесет и петтото лижавче, грешиш затоа што си ненаспана затоа што тој не спие до еден по полноќ.
Грешиш што му плаќаш со лижавчиња за да биде добар со тебе и со другите. Грешиш, бидејќи постојано му ги бришеш рацете со влажни марамчиња.
Грешиш затоа што го учиш дека секое куче ќе го касне и секоја мачка ќе го изгребе. Грешиш зашто има вишок килограми, во пелени и со цуцла, а има четири и пол години и забите му се црни од кариес.
Грешиш што не го пушташ да оди во песокта за да не се извалка, а на лизгалката за да не мора да го фаќаш, бидејќи неговиот задник ќе слета премногу тешко за твоите критериуми. Тогаш ќе плаче…а тебе ти снемаа бонбони во таа твоја торба со дезен пајчиња.
Жал ми е за тебе, жено. Жал ми е за тебе, бидејќи знам во што ќе се претвориш. Во она што никому не му годи. Ниту на тоа дете. Сања Тодоривиќ.