Дали меѓу нас живее монструмот кој неказнето го одзеде животот на малата Биљана?

Биљана Србинова се роди во Скопје на 5 мај 1979 година. Татко ú Иван бил возач во Итната помош. Мајка ú е Славица. Таа денес ќе имаше 39 години ако беше жива.

Ќе беше нечива сопруга и мајка, можеби ќе беше успешен уметник, можеби успешен адвокат, можеби ќе живееше во Европа…којзнае…каде и што ќе беше ако животот не и беше свирепо одземен пред 28 години.

Србинова исчезна на 24 декември 1989 година, а шеесеттина дена подоцна, нејзините посмртни останки беа најдени во дупка крај скопското село Бразда. Беше грозоморно убиено ова 10-годишно девојче, полошо од жртвите на озогласениот Џек Трбосек.

Хоророт се случил на 24 декември 1989 година, во 9:30 часот, кога малото девојче само излегло од својот семеен дом во зградата на улицата Никола Тесла 18/2-39, во скопски Карпош.

Биљана била висока само 140 сантиметри, слабо развиена со слабичко детско тело, со долгнавесто лице, со синозелени очи, со руса коса, облечена во сино палто, розови пантолони и темносини чизми. Биљана требало да оди на играорна во „Танец“ сместен на булеварот Илинденска.

Утрото, како и низа претходни денови таа зима било магливо. Тој период Скопјани го памтат по тешката магла кога буквално прст пред око не се гледало. Последен пат била видена како стои на тротоарот пред „Танец“, а потоа во дел од секундата исчезнала во густата магла.

Бидејќи не се вратила во вообичаеното време, за кратко нејзините родители го алармирале нејзиното отсуство, особено мајката Славица панично започнала да си го бара детето по сите другарчиња, роднини и пријатели, но никој не знаел каде е. Била алармирана и тогашната милиција, која според тогашните закони, требало да поминат 24 часа за да ја започнат потрагата.

Сепак, и покрај законот, милицијата веднаш започнала со потрага. Минале часови, денови, недели, а од Билјана немало ни трага ни глас. Убиството на малата Билјана од скопското семејство Србинови било првото злосторство кое се случило во земјава во последната година пред распадот на СФРЈ, а ја потресло не само македонската, туку и југословенската јавност таа ладна зима.

Еден ден во милицијата стигнала пријава од момче и девојка дека крај некој бунар во скопското село Бразда осетиле премногу непријатна смрдеа на скапано месо. Таму, крај бунарот во длабока дупка од повеќе од два метри, било откриено телото на малата Биљана. Од обдукцијата било утврдено дека таа била силувана, крвнички убиена и запалена.

Веста за убиството на Биљана тогаш беше шок за сите, се’ уште е шок и денес, а родителите таа година плашејќи се за своите деца не ги пуштаа сами никаде да одат.

Започнатата истрага завршила неуспешно. Убиецот не е пронајден до ден денешен. Година подоцна, беа започнати немирите во поранешна СФРЈ и истрагата комплетно била замрена. Овој предмет некаде сигурно фаќа прашина во полициските архиви, а убиецот можеби уште е жив и шета меѓу нас.

Вечниот дом на Биљана се наоѓа во Бутел. Над нејзиниот гроб денес стои стара бела пластична вазна, а во неа вештачко цвеќе ставено пред кој знае колку години. Човечка рака не го исчистила или измила овој гроб најмалку пет години. За ова гробно место, татко и Иван платил одржување до 2020 година.
Loading...