Ролатот кој ги привлече сите гости на мојата трпеза излезе дека е поубав од тоа што очекував. Прво се мислев за рецептот, ми се чинеше многу едноставен, но старите рекле „колку поедноставно, толку поубавo“, а тоа ми се докажа во овој случај.
Од само неколку состојки ќе имате декоративен ролат, во кој базата за тесто се состојките од кои се прават палачинки. Така што сите што ги обожаваат омилените палачинки, овој рецепт ќе им биде врв. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 големо јајце, 2 големи лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, прстофат сол, 300 мл млеко, 100 г брашно, 15 г какао, 1 мала лажичка прашок за печиво, 2 лажици масло. За кремот: 250 мл слатка павлака (хопла), 100 г маскарпоне, 100-150 г кондензирано млеко, 60-70 г кандирано овошје.
ПОСТАПКА: во подлабок сад изматете 1 јајце со жица или маталка и постепено започнете да го додавате шеќерот. Матете додека да се растопи. Потоа додајте го ванилиниот шеќер и прстофат сол. Измешајте убаво. Постепено започнете да го додавате млекото, на пример прво додајте ја едната половина и измешајте.
Низ сито просејте го брашното измешано со какао и прашок за печиво. Нежно соединете ги состојките за да не се формираат грутчиња. Потоа додајте го остатокот од млекото и на крајот уште малку масло. Измешајте во еднолична, течна и мазна смеса. Пред пржење на палачинките оставете смесата да отстои 10-15 минути.
На нелепливо тавче премачкајте со малку масло на салфетка, а потоа пржете по 1 кутлача, палачинка по палачинка. Се пржат кратко време, по 1 минута или помалку од страна, а потоа се редат во чинија. Од оваа количина излегуваат палачинки колку што се потребни за 1 голем ролат.
Во меѓувреме со миксер изматете ги состојки за кремот: слатката павлака, маскарпонето и кондензираното млеко. Направете пенаста крем смеса која е потребно да ја премачкувате врз палачинките. Кога палачинките малку ќе се оладат земете ја првата и ставете ја на стреч фолија на рамна површина.
Премачкајте со 2 лажици од белиот крем низ целата палачинка, а потоа врз половина од првата палачинка ставете ја втората. Се премачкува исто со 2 лажици крем и се реди во должина додека да го потрошите материјалот. Потоа врз кремот се реди кандираното овошје.
Со помош на фолијата внимателно завиткајте цврст ролат кој треба да отстои во фрижидер неколку часа за добро да се стегне. Потоа пресечете на помали ролатчиња и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледете во видеото ОВДЕ.