Многу мек колач кој се топи во уста, а многу брзо и едноставно се приготвува. отребни ви се 3 јајца, малку млеко и крем, основни состојки кои речиси секој ги има во кујната. Може да се послужи како свечен колач, но и за секој ден, со кафе или чај. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за пандишпанот): 3 јајца, 120 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 120 мл млеко, 120 мл масло, 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г), 50 г сечкани тостирани лешници или ореви.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за фил од ванила): 800 мл млеко, 2-3 кесички пудинг со вкус на ванила (вкупно 80 г), 6 лажици шеќер (или по вкус), 80 г бело чоколадо, 50 г крем сирење или несолен путер/маргарин. И уште: 200 мл слатка павлака и 2 супени лажици какао во прав




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад скршете три јајца, додајте 150 г шеќер и една кесичка ванилин шеќер, па пенасто изматете со миксер додека смесата да се згусне и да стане кремозна. Потребно е да се мати околу 8-10 минути.




Потоа со непрекинато матење во смесата додајте 120 мл млеко и 120 мл масло. Кога ќе се изедначат состојките, започнете со додавање на сувите состојки: 200 г бело брашно, една кесичка прашок за печиво и 50 г ситно сечкани или мелени лешници или некои други јатки по ваш избор.




Повторно изматете неколку минути со миксер додека да се добие хомогена смеса, а потоа излејте ја во плех обложен со хартија за печење со димензии 40х30 см. Смесата распоредете ја рамномерно и израмнете, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 20 минути.




Печената кора оставете да се олади, па пресечете ја на два дела, а доколку е потребно, отсечете ги и рабовите за да добиете рамни и меки страни. Потоа пригответе го филот: Во едно тенџере ставете 800 мл млеко и додајте 80 г прашок за пудинг со вкус на ванила и 6 супени лажици шеќер.




Промешајте и ставете на оган да се загрева на умерена температура. мешајте непрекинато додека пудингот да се свари и згусне. Додека кремот сè уште е топол, додајте 80 г бело чоколадо искршено на коцки и 50 г крем сирење или путер. мешајте додека состојките да се растопат и да се инкорпорираат во кремот.




Првата кора ставете ја во калап со флексибилен обрач (ако немате, тогаш направете ограда од хартија за печење), па излејте го приготвениот фил, израмнете и поклопете со втората кора (малку притиснете за да се залепи за кремот). Оставете го колачот да се олади 2 часа во фрижидер.




Потоа изматете со миксер 200 мл слатка павлака додека да добиете шлаг. потоа додајте 2 супени лажици засладено или обично какао во прав и изматете уште неколку секунди додека да се изедначи. Со шлагот премачкјате го целиот колач, декорирајте по желба, сечете и послужете.