Ова е еден старински рецепт кој беше запишан во тетратката на мајка ми. Таа кога била помлада ги собирала сите рецепти од домаќинките во нејзината населба, а тие рецепти биле наследувани со години од нивните баби, мајки и тетки…




Сите рецепти се феноменални, но овој кремаст колач ќе го издвојам како мојот омилен. Без печење, полн кремаст вкус кој како мала експлозија се разлева низ устата, а уживањето е чиста десетка особено кога покрај колачот има и кафе.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 6 лажици шеќер, 10 лажици гриз, 200 мл млеко, 1 кесичка ванилин шеќер. Уште: 800 мл млеко, 200 г маргарин, 100 г шеќер во прав. За кремастиот фил: 300 мл слатка павлака, 2 кесички шлаг пена, 150 мл млеко, 2 лажици шеќер во прав, 60 г рендано чоколадо, 50 г бисквити.




ПОСТАПКА: во еден сад скршете едно јајце, претходно отстоено на собна температура. Додајте 6 лажици шеќер и одозгора 10 лажици гриз кои претходно сте ги измериле настрана, а може и директно да додавате во состојките.




Измерете 200 мл млеко во една чаша и додајте во сувите состојки заедно со 1 кесичка ванилин шеќер. Со жица-маталка измешајте ги состојките додека да се соединат во млекото и да не се формираат ситни грутчиња. Сепак не би требало тоа да се случи, но гризот ако не е добро измешан кога ќе се стврдне може да ви направи таков проблем.




Потоа 800 мл млеко ставете во големо тенџере да се стопли, а кога ќе биде млако додајте ја смесата од состојки која претходно ја направивте. Мешајте постојано за да не ви загори, а штом смесата ќе се згусне тргнете ја од рингла.




Оставете малку да се олади, па со миксер разредете ја, додавајќи го маргаринот кој исто треба да биде малку омекнат. Се додава 100 г шеќер во прав и се продолжува со миксање. Соединетата смеса тргнете ја настрана. Земете еден плех и во него наредете бисквити кои претходно ќе ги натопувате во млеко.




Плехот треба да биде со средна големина, во мојот имав 5 редови бисквити, по 4 во еден ред. Врз бисквитите премачкајте го кремастиот фил кој претходно го направивте и со шпатула добро измазнете одозгора. За крај, слатката павлака изматете ја со 2 шлаг пени, 2 лажици шеќер во прав, 150 мл млеко додека да се направи како пена, а треба да биде толку стегнато изматена кога ќе ја превртите од ванглата да не ви паѓа.




Се премачкува врз кремастиот слој и повторно се изедначува. По желба колачот декорирајте го со 60 г рендано чоколадо или направете глазура која ќе ја прелиете врз него. Колачот се става во фрижидер добро да се стегне околу 2 часа, па се послужува на коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.