„Мора да признам дека овој рецепт не е мој, туку го видов некаде и го испробав, а питата излезе одлично, дури и подобро од моите очекувања. Сега жалам што не го знаев овој рецепт порано, со помош на овој едноставен метод се прави лисната пита на многу побрз начин. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл и шолја од 100 мл): 1 чаша густ „грчки“ јогурт или кисела павлака ( 200 мл), 1 шолја масло (100 мл), 3 јајца, 1 супена лажица оцет, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 чајна лажичка сол (10 г), 3,5 чаши брашно (приближно околу 400-500 г брашно)
И УШТЕ: скроб/нишесте/густин за наросување на корите. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 1 чаша млеко (200 мл), 150 г растопен путер. ЗА ФИЛ: 400 г фета/ситно сирење.
ПОСТАПКА: Од едно јајце одвојте ја жолчката и тргнете ја настрана за премачкување на питата. Во подлабок сад ставете две цели јајца и само белката од третото јајце, 100 мл масло, 200 мл густ јогурт/кисела павлака/кисело млеко, 1 супена лажица оцет и кесичка прашок за печиво.
Добро изматете додека да се изедначат состојките, а потоа започнете постепено да го додавате брашното помешано со сол. Вкупно ќе ви биде потребно околу три ипол или четири чаши брашно, но тоа најмногу зависи од самото брашно. Мешајте со лажица додека да се впие течноста, а потоа замесете со рака.
Кога ќе престане да се лепи на рака, истресете го тестото врз работна површина и добро изработете го за да стане еластично. Тестото поделете го на четири приближно еднакви делови. Од секој дел формирајте топче. Земете едно топче и ставете го врз работна површина наросена со скроб/нишесте, а останатите тргнете ги настрана покриени со кеса.
Потоа развлечете го во колку можете потенка кора. Од секое топче ќњ добиете навистина голема и тенка кора. Одозгора обилно наросете скроб преку целата површина. Преклопете ја од едната страна, приближно една третина, и повторно одозгора наросете скроб.
Преклопете и од другата страна, па повторно наросете скроб, а потоа профолжете го диплењето како книга. Кога ќе добиете коцка, спојте ги двата спротивни агли во средината како што е прикажано во видеото подолу. Постапката повторете ја со сите останати делови од тестото.
Потоа земете го првото спакувано тесто, па повторно развлечете го во тенка кора со големина на тепсијата во која ќе се пече. Поставете ја тепсијата врз кората, па отстранете го вишокот од кората. Правата кора поставете ја на дното од тепсијата (претходно добро намастена со путер или маргарин), а одозгора распоредете ги и отстранетите делови.
Повторете ја постапката и со втората кора, а потоа распоредете го филот од сирење и ситно сечкан магдонос. Одозгора поклопете со уште две кори и исечете ја на коцки. Одозгора прелијте со една чаша млеко и 150 г растопен путер, а на крај премачкјате со една жолчка.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170-180 степени сè додека убаво да зарумени. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.