Вареното пченкарно брашно делува како мевлем на цревата. Многу е здраво и лековито, па затоа би требало редовно да биде на нашата трпеза. Познато е дека водата во која отстојало пченкарното брашно помага во регулација на шеќерот и холестеролот, а палентата или качамакот делуваат како чистачи на цревата.




Овојпат ќе ви претставиме два рецепти со пченкарно брашно/палента кои се дел од менито за постот на вода, за сите оние кои постат (во среда и петок или според благословот на нивниот отец), но толку се здрави што би требало секој да си ги готви барем еднаш седмично. Еве што ви е потребно за првиот рецепт:




КАЧАМАК СО КРОМИД НА ВОДА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г пченкарно брашно, 2 главици кромид, 1 литар вода и 1 прстофат сол (или по вкус). ПОСТАПКА: Во литар вода со малку сол која врие полека додајте половина килограм пченкарно брашно.




Додека го истурате брашното, постојано и енергично мешајте за да не се создадат грутчиња. Брашното варете го околу 20 минути на тивок оган и со мешање, па исклучете ја ринглата и оставете на топлата рингла да се крчка уште околу половина час.




Кромидот исечкајте го и ставете го со малку водичка да се динста додека да омекне, па и него малку посолете го. Кога ќе го допрете со виљушката треба таа да пропаѓа во него. Готовиот качамак ставете го во чинија, а преку качамакот истурете една лажица од приготвениот кромид.




КАЧАМАК СО СПАНАЌ НА ВОДА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2-3 китки зелје (околу 500 г), вода, сол по вкус, 4 полни супени лажици пченкарно брашнио. ПОСТАПКА: Ова е многу стар рецепт кој се приготвува многу, многу едноставно. Се става вода да зоврие, се посолува, па се става зелјето.




Наместо зелје може да се користат сите оние сезонски билки како што се лобода, коприва, спанаќ, листови од липа..односно, сè што ви е при рака од сите тие јадливи растенија. Се остава малку да врие водата за да го попари зелјето, па кога тоа ќе омекне се вади со решеткаста лажица врз даска и со голем нож ситно се сечка.




Се враќа назад во тенџерето и во истата вода се додава пченкарното брашно, четири преку врв полни супени лажици. Се меша и се готви на умерена температура додека смесата да се згусне, а потоа се излева во некој сад и се остава настрана да се подизлади.