Ова тесто е едноставно феноменално. Од него можете да правите тенки и големи лепињи или повеќе мали погачици. Постапката е многу едноставна, се замесува тестото, а потоа се чека да стаса еден час, по што се обликуваат печивата. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г брашно, 400 мл млако млеко, 100 мл млака вода, 100 мл масло, 1 супена лажица шеќер, 1/2 супена лажица сол, 1 белка од сирово јајце и 1 супена лажица сув квасец




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете млако млеко (400 мл), додајте 100 мл млака вода, 100 мл масло, една рамна супена лажица сув квасец, една супена лажица шеќер и половина супена лажица сол.




Промешајте со лажица додека да се растворат состојките. Потоа во мешавината додајте една белка од сирово јајце кое претходно отстојало на собна температура (жолчката сочувајте за подоцна да ги премачкате лепињите).




Повторно соединете и започнете постепено да го додавате брашното додека непрекинато мешате. Брашното додавајте го постепено, на неколку наврати, за да може рамномерно да ја впие течноста.




Вкупно ќе ви биде потребно околу 700 г брашно. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете го тестото со рака. Тоа е доста меко и лепливо, но такво треба да биде. Додајте малку масло, околу една лажица за да можете полесно да го размесите без премногу лепење.




Измесеното тесто на крај ќе стане еластично и нелепливо. Покријте го со капак или проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло место да стасува еден час додека убаво да ферментира и да го удвои својот волумен.




Потоа со помош на намастени раце истресете го тестото на работна површина, формирајте валјак и поделете го на приближно еднакви десет делови. Од секој дел формирајте топче, а потоа малку сплескајте го (дланките намастете ги за полесно работење).




Наредете ги во плех обложен со хартија за печење (по пет лепињи во големиот плех) и обликувајте ги уште малку со дланката. Одозгора премачкјате ги со мешавина од жолчка и две лажици млеко.




Направете засеци со кујнската шпатула и наросете црн сусам, па оставете ги да стасуваат уште половина час. Потоа ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.