Иако не содржи млеко и јајца, овој колач е толку многу вкусен и сочен, просто се топи во уста. Меѓу останатите состојки содржи сок од портокал, џем од шипки, ореви и чоколадо, а секако, оваа комбинација може да ја менувате со различни вкусови, односно да користите сок и џем по ваш избор, а оревите може да ги замените со некои други јатки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл свежо исцеден сок од портокал, 4 супени лажици домашен џем од шипки (или по ваш избор), 120 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 2 портокали – рендана кора, 180 г печени мелени ореви, 100 г остро брашно, 2 лажици темно чоколадо, 1 кесичка прашок за печиво и 100 мл масло




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 100 г посно чоколадо, 2-3 лажици домашен џем од шипки + малку за премачкување на кората (или џем каков имате), 120 г посни мелени бисквити, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 мл свежо цеден сок од портокал. За наросување: 50 г сечкани ореви




ПОСТАПКА: Портокалите добро измијте ги. Потоа изрендајте ја кората од два портокали, а потоа исцедете вкупно 500 мл сок (мене ми беа потребни 4 средни доста сочни портокали). Може да користите и купечки сок од портокал или некој друг сок, по ваш вкус.




Оревите може и така, сирови да ги користите, но уште поубави се ако ги истостирате. Ставете ги во тава и на суво пропржете ги 10-тина минути на умерен оган, водејќи сметка да не загорат. Кога ќе бидат истостирани и убаво ќе замирисаат, префрлете ги на крпа, оставете да подизладат и протријте ги за да излезе кожичката. 180 г сомелете а остатокот исечкајте ги за наросување.




Во еден сад ставете 350 мл сок од портокали и додајте џем од шипки (со средна густина), шеќер и ванилин шеќер, рендана кора од портокал, мелени ореви и просеани прашкасти состојки. Убаво промешајте и соединете до изедначување. На крај во тенок млаз додајте масло со постојано мешање.




Смесата излејте ја во плех со димензии 30х20 см или приближна величина, претходно обложен со хартија и печете на 160 степени околу 25-30 минути (кај посилен шпорет, а кај послабите зголемете ја температурата на 180 степени или прилагодете кон вашата рерна). Печената кора извадете ја да излади. Останува сочна и мека.




За фил: на тивок оган растопете го чоколадото помешано со џем. Мешајте постојано и загревајте на многу тивок оган или на пареа, додека да се соединат двете состојки. Во посебен сад добро измешајте ги мелените бисквити заедно со сокот и ванилиниот шеќер.




Потоа натопените кекси додајте ги во претходната смеса и убаво промешајте за да се соединат сите состојки а смесата да се изедначи. Филот нанесете го врз кората и одозгора наросете сечкани ореви. Колачот исечете го на коцки или штангли по желба. Може да се послужи топол или ладен.