Едноставен колач кој се топи во уста и се приготвува многу лесно, веруваме дека на сите многу ќе им се допадне. Се вари пудинг на вообичаен начин, а посебно се мати слатката павлака. Потоа се прават „сендвичи“ со какао-кекси кои се лепат по три со шлагот, па се редат во комбинација со пудингот… Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кекси со вкус на какао (кафеави бисквити), 100 г несолен путер, 200 мл слатка павлака за шлаг, 1 литар млеко, 160 г пудинг со вкус на ванила (4 кесички), 200 г шеќер или по вкус, 50 г рендано чоколадо за декорација
ПОСТАПКА (за калап со димензии 25х25 см или слична големина, со флексибилен обрач или обложен со проѕирна фолија): Калапот обложете го со хартија за печење, па наредете еден слој кекси на дното. Че ви бидат потребни околу 16 бисквити, можеби помалку или повеќе во зависност од димензиите на калапот кој ќе го користите.
Во едно тенџере ставете го шеќерот и пудингот, па додајте малку млеко и разматете со жица-маталка додека да се изедначи смесата и да нема грутчиња. потоа додајте го остатокот од млекото и тенџерето ставете го на оган да зоврие.
Штом зоврие, намалете ја малку температурата и продолжете да го варите кремот со непрекинато мешање додека да се згусне. Сварениот пудинг тргнете го настрана и додека сè уште е топол, додајте го путерот исечкан на помали парчиња и мешајте додека тој да се растопи и целосно да се инкорпорира во пудингот.
Тргнете го настрана и оставете малку да се подизлади со повременот промешување за да не фати коричка, или пак, покријте го со фолија. За тоа време изматете ја слатката павлака додека да добиете шлаг.
Започнете со правење на „сендвичи“ од кекси: врз една бисквита со помош на готварски шприц или лажичка нанесете малку шлаг преку целата површина. Поклопете со втора бисквита и повторно нанесете шлаг. На крај поклопете со трета бисквита.
Вакви „сендвичи“ ќе ви бидат потребни по три или четири во еден ред во зависност од големината на калапот, а вкупно седум реда. На едната страна од калапот со помош на лажица нанесете дебел слој пудинг, околу 3 см.
Наредете по должина од претходно направените „сендвичи“, па со лажицата повторно нанесете дебел слој пудинг. Наизменично редете пудинг и „сендвичи“ додека да се исполни целиот калап, а празниот простор кој ќе остане пополнете го со пудинг.
Одозгора целата торта премачкјате ја со преостанатиот пудинг, израмнете ја површината, а одозгора наросете сорендано чоколадо. Пред послужување оставете ја тортата да отстои најмалку три часа во фрижидер, а најдобро преку цела ноќ за да омекнат добро бисквитите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.