Рецептот за овие вкусни медени колачи ни го претстави нашата драга членка Веселка Кузмановска во групата НМД рецепти. Вкусни медени кекс-колачи кои можат долго да стојат. Одлични за со кафе или чај.

„Да ви го засладам ова утро со медени колачиња! Се замесува тесто, се развлекува кора, се вадат форми со модлички, се печат околу 10 минути, се спојуваат со мармалад…”, вели Веселка и ни ги откри состојките за овој рецепт.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 3 филџани (од 50 мл) шеќер, 3 лажици мед, 3 филџани масло, 1 прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер, 1 кафена лажичка сода бикарбона и 800 г брашно. ПОСТАПКА: Во подлабок сад пенасто изматете три јајца со 3 филџани шеќер. Матете додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и побели.




Потоа додајте 3 лажици течен мед, 3 филџани масло, една кесичка прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер, 1 лажичка сода бикарбона и 800 г брашно. Убаво промешајте ги состојките и замесете со рака додека да добиете убаво мазно тесто кое не се лепи. На малку набрашнета површина развлечете кора со дебелина од околу 5 мм, па со помош на модлички вадете форми.




Колачите редете ги во плех обложен со хартија и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 180-200 степени околу 10 минути. Лепете ги две по две со мармалад по ваш избор, потопувајте ги во растопено чоколадо и по желба наросувајте ги со кокос. Овој рецепт беше на Веселка Кузмановска, а прочитајте го и следниот на Даринка Николиќ:

Втор рецепт. Медени колачи (меденки) по рецептот на баба ми, стар сигурно 100 години – правите топчиња и ги печете. Фотографија и рецепт на Даринка Николиќ. Во продолжение прочитајте го рецептот на Даринка Николиќ, а под него имате уште еден, трет рецепт од архивите на НМД.мк.




Медените колачиња многу долго остануваат меки и свежи, но за да го продолжите нивниот рок на траење уште повеќе, направете вака: Во една чаша со врела вода разматете една лажица мед, па печените меденки откако малку ќе подизладат колку да можете да ги фаќате со рака, кратко натопувајте ги во медената вода и после редете ги врз хартија за да се исушат.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 лажици мед, 2 жолчки, 1 цело јајце, 1 чаша (од 200 мл) масло, 1 филџан за кафе млеко, 1 лажичка сода бикарбона, 250 г шеќер, 1 лажичка цимет, ½ лажичка мелено каранфилче и 800 г брашно

ПОСТАПКА: Три лажици мед изматете ги додека малку да побели, па додајте две жолчки и едно цело јајце. Матете за да се соединат. Потоа додајте една чаша масло, една мала кафена шолја млеко во која сте разматиле една лажичка сода бикарбона.




Во смесата додајте и 250 г шеќер, една лажичка цимет, половина лажичка мелено каранфилче. Пенасто изматете ја смесата и постепено започнете да додавате брашно…околу 800 грама. Тестото треба да биде средно, не многу меко, за да можат да се формираат топчиња со величина на орев.




За подобро да ви се формираат топчињата најдобро е тестото да го оставите половина час во фрижидер и рацете да ги навлажнувате со ладна вода за да не ви лепи од медот. Редете ги во плех обложен со хартија и печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, колку да пораснат, а потоа намалете ја температурата на 180 степени.




Кога ќе бидат печени веднаш не ги фаќајте затоа што ќе бидат меки, но како ќе се ладат надворешната кора ќе им се стврднува. Тоа нека не ве буни, не ги препекувајте затоа што после ќе бидат претврди.

УШТЕ ЕДЕН РЕЦЕПТ ЗА МЕДЕНКИ ОД АРХИВАТА НА НМД.мк. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г шеќер, 3 јајца, 250 г цветен мед, 100 г маргарин/путер, 700 г брашно, 2-3 лажички сода бикарбона. По желба: малку цимет или зачин за меденки




ПОСТАПКА: Шеќерот, јајцата, путерот и медот пенасто изматете ги, па додајте брашно помешано со зачини и сода бикарбона. Замесете мазно тесто. Ставете го тестото околу половина час во фрижидер и после тоа обликувајте топчиња со величина на орев, па редете ги во плех обложен со хартија на мало растојание за да не се залепат при печењето.




Печете ги на 180-200 степени додека да добијат златножолта боја, околу 15 минути. Меденките се меки, не треба да отстојуваат, можете веднаш да ги послужите. При правењето на топчињата, рацете малку натопувајте ги во ладна вода за да не ви лепи тестото.