Оваа пица има ХЛ големина, а тестото е многу едноставно за правење и не се меси. Тие што ја пробале се воодушевени од лесната постапка, но пред сè од памучното тесто. Коментарите се повеќе од очигледни колку е добро осмислен овој рецепт:
“Ја правев вчера, а ќе ја правам и денес и утре, бидејќи не ни е доста од што е вкусна.” “Тукушто ја направив пицата по овој рецепт, совршено тесто. Ви благодарам!”; “Рецептот за пица е феноменален. Сум правел и според други рецепти, но овој дефинитивно е победникот. Чиста десетка”; “Рецептот е совршен, пицата која ја испеков со ова тесто излезе одлично!”
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 300 мл млака вода, 7 г сув квасец, 30 мл маслиново масло, 2 мали лажици шеќер и 2 мали лажици сол. За филување: 400 г моцарела или некој друг кашкавал по ваш избор, 200 г доматно пире (кечап), масло, сол, оригано.
ПОСТАПКА: Во брашното ставете го сувиот квасец и убаво соединете во подлабок сад. Додајте го маслото, солта и шеќерот, па прелијте со млаката вода и измешајте ги состојките со шпатула. Ќе се формира полулеплива лелеава смеса која ќе се растегнува низ садот.
Покријте го садот со соодветен капак и оставете да стасува околу 2 часа на топло место. Може садот да го ставите и во умерено загреана рерна. По изминатото време излејте го тестото на набрашнета површина и замесете го со повлекување на надворешните страни кон внатре додека да не се лепи.
По потреба додавајте повеќе брашно. На плех со стандардна големина поставете хартија за печење и врз неа испрскајте со маслиново масло. Со четкичка распоредете го маслото низ целиот плех, па на средина ставете го тестото и оставете да одмори уште 10 минути.
ЗА ФИЛОТ: доматното пире зачинете го со малку оригано и сол и соединете. Потоа повторно преминете на тестото и со влажни прсти развлечете го во големина на целиот плех со оставање на меурчиња од прстите. Одозгора премачкајте со подготвениот црвен фил подеднакво.
Печете во претходно загреана рерна на 250 степени, околу 10 минути, па потоа извадете го плехот од рерна и врз тестото наредете ситно сечкана моцарела или некој друг кашкавал по вкус (доколку не постите). Искуствата на еден читател велат дека пицата е уште поубава ако се додаде и прстени кромид и печурки одозгора.
Допечете ја пицата уште 10 минути на истата температура. По печењето оставете да одмори под крпа неколку минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и вториот рецепт:
Втор рецепт: Пица за 5 минути – употребете го вчерашниот леб вака – и ќе направите повкусна дури и од оригиналната. Рецепт на Том Филос. Еве еден начин како можете од стар леб да направите пица повкусна дури и од оригиналната. За да ја приготвите потребни ви се само 5 минути и да ја испечете уште 10. Многу брзо и вкусно јадење.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: малку путер, 5 јајца, 1 прстофат сол, 200 мл млеко, стар леб исечен на парчиња (5 парчиња), кечап, печурки, кашкавал, шунка или друго сувомеснато по желба.
ПОСТАПКА: Тркалезен калап за печење пици убаво намастете го со путер. Јајцата скршете ги во подлабок сад, изматете ги со маталка, посолете ги и додајте го млекото (една чаша). Промешајте да се изедначи.
Секое парче леб натопувајте го во смесата и редете го во калапот пополнувајќи го секој празен простор. Откако ќе го обложите целото дно со леб, остатокот од смесата прелијте го одозгора.
Ставете да се пече во добро загреана рерна на 230 степени, 10 минути. Извадете ја тепсијата од рерна и запечената пица од лепчиња премачкајте ја одозгора со кечап, а потоа збогатете ја по желба со печурки, кашкавал, шунка… Вратете ја пицата во топлата рерна да се допече уште 5 минути на 250 степени. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.