Рецепт на Валентина Машковиќ. Деновите на постот започнаа, па за сите оние кои постат се надевам дека овој рецепт ќе им биде од корист, како и за оние кои приготвуваат веган-оброци. Питата се филува со спанаќ и млад кромид, а се премачкува со сос од маслиново масло, лук и магдонос.
Многу е вкусна и мирисна, па дури и оние кои не постат со задоволство си земаат по парче или две, бидејќи се топи во уста, а мирисот е примамлив. Корите се приготвуваат сосем поинаку од вообичаено и мора препорака е да го испробате овој рецепт, бидејќи питата се разликува од останатите. Ќе бидете воодушевени:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл пиво, 100 мл масло, 1.5 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 2 шолји (од 100-120 мл) овесно брашно, 3 шолји пченкарно брашно, 3 шолји пченично брашно. ЗА ФИЛ: 400-500 г свеж спанаќ, 10 млади зелени кромитчиња (околу 2 врзопа), сол, црн пипер, масло. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: лук, магдонос, маслиново масло
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 300 мл пиво на собна температура (1.5 чаша), додајте 100 мл масло (0.5 чаша), 1.5 лажичка сол и 1 кесичка прашок за печиво (10 г). Добро промешајте со жица-маталка додека да се растворат состојките. Наместо пиво може да користите газирана вода, но со пиво тестото излегува повкусно.
Во течната смеса започнете да ги додавате трите вида на брашно. За мерење користете една поголема шолја за кафе (100-120 мл), а брашното се додава постепено до посакуваната густина. Потребни се 2 шолји овесно брашно, 3 шолји пченкарно и приближно 3-4 шолји пченично, бело брашно.
Тестото за оваа пита не смее да биде премногу тврдо, туку доволно меко (средно) за да може да се замеси со рака, а потоа и да се развлекува со оклагија, а да биде мазно. Откако ќе го изработите на малку набрашнета работна површина, тестото поделете го на два дела – едниот дел да биде поголем од другиот, две третини, наспроти помалиот, една третина.
Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, зошто тестото не се остава да ферментира. За тоа време пригответе го филот од спанаќ и млад кромид. Убаво измиениот спанаќ ситно исечкајте го, а кромидот исечете го на мали тркалца, па измешајте ги.
Посолете со една рамна лажичка сол и измешајте со рака (не се бланшира, ниту се запржува). Во зеленчукот додајте и 60 мл масло и филот е готов. По желба додајте црн пипер во прав и зачини по ваш вкус.
На малку набрашнета работна површина развлечете го поголемиот дел од тестото, во кора која треба да биде малку поголема од тепсијата во која ќе се пече (за 2-3 центиметри поголема).
Бидејќи кората е нежна, префрлете ја врз оклагијата и пренесете ја во тепсија со средна величина (претходно намастена и обложена со хартија), па добро притиснете ја покрај ѕидовите.
Во внатрешноста истресете го подготвениот фил од спанаќ и кромид, распоредете рамномерно и израмнете. Развлечете ја и втората помала кора, па на ист начин префрлете ја во тепсијата и покријте го филот, а потоа прилепете ги краевите од двете кори за да се затвори. Направете го преливот:
Во еден сад ставете 4-5 чешниња лук, ситно исечкани, изрендали или истиснати преку преса, додајте 40-50 г ситно сечкан млад магдонос, прстофат сол, па добро соединете и додајте малку маслиново масло, околу 20-тина мл колку да се поврзат состојките.
Питата само површински засечете ја на баклави, а потоа со кујнска четка премачкајте ја мешавината од лук и магдонос. Ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу половина час. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.