Сочен колач кој во вкусот потсетува на еклери, мора да го пробате, ептен е вкусен. Рецептот го добивме од нашата драга читателка Анета Ане. Таа вели дека колачот е најубав после ден-два кога малку ќе отстои. Но, изгледа толку многу вкусен што не се знае дали некој би можел да одолее толку долго време.

Фото и рецепт: Анета Ане

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 2 шолји шеќер, 1/2 шолја масло, 2 шолји брашно, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 2 пудинзи од ванила (може и 3 пудинзи за поцврст крем), 12 лажици шеќер, 40-50 г маргарин/путер. ЗА ГЛАЗУРА: 200 мл слатка павлака, 200 г чоколадо за готвење.




ПОСТАПКА: Се матат јајцата пенасто со шеќерот. Откако ќе се стопи шеќерот се додава маслото, брашното и кесичката со прашок за печиво. Се пече во правоаголна намрсена тава на 200 степени.

Во меѓувреме се подготвува филот на следниов начин: се варат пудинзите со млекото и шеќерот (по упатството на кесичката) додека да се згусне и на крај се додава маграринот да се стопи додека пудингот е топол.




Се истура над испеченото тесто и се остава убаво да се здрви. Слатката павлака се загрев, а настрана се сечка ситно чоколадото и се додава на слатката павлака. Потоа се меша додека убаво да се стопи чоколадото и на крајот се истура врз колачот и се остава убаво да се стегне пред да се исече.

Фото и рецепт: Анета Ане

РЕЦЕПТ 2 – ЕКЛЕР ТОРТА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ДВЕ КОРИ: 4 шолји вода, 2 шолји масло, 1 мал прстофат сол, 4 шолји брашно, 1/2 лажичка прашок за печиво, 6 јајца за изладеното тесто. ЗА ФИЛ: 600 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 8 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 250 г путер / маргарин, 150 г шлаг крем, 10-15 крем банани и 100 г чоколадо




ПОСТАПКА: Во поголем сад налеваме 4 шолји вода, 2 шолји масло и мал прстофат сол. Ставаме на оган да зоврие а во меѓувреме измерете 4 шолји брашно во кое ќе додадете прашок за печиво колку на врв од лажичката (половина лажичка).




Кога ќе зоврие течноста тргнете ја на страна и постепено со постојано мешање додајте го брашното. Намалете го огнот на средна температура и вратете го садот за да се довари, додека да се формира како топка и да се одвојува од ѕидовите на садот. Цело време го мешате.

Фото и рецепт: Анета Ане




Свареното тесто префрлете го во пластичен сад за побрзо и полесно да излади, но повремено промешувајте го за да не фати коричка. Додека се лади тестото го приготвуваме филот:




ЗА ФИЛ: Од 600 мл млеко одвојуваме малку за да го размешаме пудингот, а остатокот го ставаме на оган со 2 ванилин шеќери и 8 лажици шеќер. Кога ќе зоврие млекото се вари пудингот и се префрла во друг сад за побрзо да излади, па исто како тестото се промешува повремено за да не фати коричка или покријте со проѕирна фолија.




Во изладеното тесто додаваме едно по едно вкупно 6 јајца додека цело време матиме со миксер со спирални продолжетоци. Смесата ја полниме во кеса со модла за тулумби и ја истиснуваме во плех обложен со хартија, во вертикални линии една покрај друга (или кружници за тркалезен калап), а потоа со лажица ги спојуваме празнините и израмнуваме за да добиеме рамна кора.




Кората се пече околу 15-тина минути во загреана рерна на 200 степени и за цело време не смее да се отвора рерната. Постапката се повторува уште еднаш за втората кора. Во изладениот пудинг постепено се додава пенасто изматениот путер со постојано миксање додека да се спојат и на крај додаваме 2-3 полни лажици шлаг кој претходно сме го изматиле.




Во кремот додадете сечкани крем банани или свежи банани по избор. Редење: кора – фил – кора. Одозгора можете да премачкате со малку тенок слој фил и да прелиете со топено чоколадо или едноставно наросете шеќер во прав. Постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ.

Фото и рецепт: Анета Ане