Кога станува збор за празничната трпеза, секоја домаќинка сака да ја исполни со разновидни солени закуски кои освен што ќе бидат вкусни, треба да бидат и декоративни. Овој солен ролат е еден од најдобрите, а толку лесно се приготвува што ќе стане вашиот омилен рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г шунка (машински сечена на тенки листови). ЗА ФИЛ: 200 г крем сирење, 100 г мајонез, 1 црвена пиперка, 3 чешниња лук, 100 г маринирани печурки од конзерва, 15 г растворен желатин, 10 г магдонос, 5 г сол, 3 г црн пипер во прав




ПОСТАПКА: На парче алуминиумска фолија наредете 200 г шунка, по четири парчиња во три реда, така што секое парче го преклопува следното. На овој начин ќе ја покриете целата површина и ќе добиете т.н. тенка кора од шунка.




ЗА ФИЛ: Во подлабок сад ставете 200 г крем сирење, додајте 100 г мајонез и ситно сечкани печурки (претходно маринирани, или ако повеќе преферирате свежи, тогаш исечкајте ги и издинстајте ги на малку масло додека да испари течноста што ќе ја испуштат).




Во мешавината додајте и една црвена пиперка исечкана на ситни коцки, која може да биде свежа, маринирана од туршија или пак испечена (по вкус), околу 10 г ситно исечкан свеж магднос, три чешниња лук најситно изрендани, една лажичка сол и малку црн пипер по вкус.




Добро промешајте ја мешавината со лажица додека сите состојки се изедначат рамномерно. Во посебен сад растворете 15 г желатин во ладна вода според упатството и почекајте да набубри. Потоа растопете го на тивок оган или во микробранова печка, па додајте го во мешавината.




Добро промешајте за да се инкорпорира. Ќе добиете убава смеса како крем. Рамномерно распоредете ја врз кората од шунка и израмнете ја преку целата површина. Со внимателно подигнување од едната страна на фолијата започнете да ја ролате кората во ролат.




Формираниот ролат завиткајте го целиот во фолијата и оставете го во фрижидер да се лади еден час. По изминатото време можете да го сечете и да го послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.