Ова е нешто што дефинитивно мора да го пробате. Месото станува многу сочно и меко, има одличен вкус, се топи во уста. Рецептот е многу лесен и едноставен, а под него можете да прочитате и други рецепти за приготвување на кременадли, но со различни вкусови.




Најпрво исчyкајте ги и зачинете ги кременадлите од двете страни со сол, црн пипер, црвен пипер и рузмарин. Оставете ги вака маринирини да отстојат во фрижидер колку подолго, толку подобро. Зачините ќе го омекнат месото и ќе навлезат подлабоко во сокот.




Потоа кратко пропржете ги 10-тина минути на масло загреано на силен оган, од двете страни колку да се затворат порите и да фатат коричка, а внатре да останат сочни. Потоа веднаш префрлете ги во друг сад со капак, додајте 300-400 мл вода, поклопете и оставете ги да се крчкаат на тивок оган околу еден час.




Повремено проверувајте го месото и по потреба додавајте вода. Не треба да се варат, туку да се динстаат, што значи, во секое време треба да имаат малку вода колку да не загорат. Потоа пригответе го готовиот/купечки сос кој многу лесно се прави:




Измешајте една лажичка фант гулаш и паприкаш, 1 лажичка густин и 100-150 мл вода. Додајте ја оваа мешавина во тавата кога речиси е готово и течноста е речиси испарена, па оставете да се готви уште 10-тина минути за да се соедини. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ. Ако сакате да дознатете како Јелена ги приготвува кремендалите, на старински начин, прочитајте подолу:




Она што е најдоброто кај овие кременадли е тоа што се приготвуваат во рерна, па немате прскање и валкање наоколу како што е обичај кај класичното приготвување на кременадлите. Се добива и преубав сос, па заедно со некој прилог, може да послужите комплетен и многу вкусен ручек.




Еве што ви е потребно за да го приготвите ова вкусно јадење: 2 кременадли (може и повеќе, колку сакате), масло, сол, црн пипер, зачин по вкус, 1-2 лажици брашно, малку кари, малку сенф, 1 лажица ајвар, 1 поголемо чешне лук или 2-3 помали.

Постапка: кременадлите ставете ги помеѓу две кеси и врз даска истолчете ги со чекан за толчење да ги истенчите до дебелина од приближно половина прст. Месото мора да се иcтолчи за да омекне и да не остане незготвено на подебелите делови, обично кај коската.




Отако ќе ги обработите кременадлите, секоја посолете ја малку од двете страни, зачинете со сув зеленчуков зачин (вегета), а потоа и запиперете, најдобро со свежо мелен црн пипер за да добие убава арома. По желба ставете и малку кари и добро протријте го месото.

Откако убаво ќе ги зачините кремендалите, преку целата површина премачкајте ги со тенок слој сенф (може да ставите и повеќе, но имајте во предвид дека после печењето ќе преовладува вкусот на сенф). Вака премачканите кременадли извалкајте во брашно, убаво да се обложат.




Откако вака ќе се приготви месото, потребно е да се пропржат малку на загреано масло за да се затворат порите на месото и да добие убава румена боја, а во средината да остане сочна и богата со сопствените сокови. Значи, во една нелеплива тава загрејте малку масло на умерена температура.

Спуштете ги кременадлите во маслото и пржете ги по неколку минути од двете страни додека да заруменат. Во истото масло во кое се пржеа кременадлите ставете 1-1,5 лажица брашно и пропржете го околу половина минута, додека малку да ја смени бојата.




Додајте една лажичка црвена зачинска пиперка во прав и една лажица ајвар, па добро промешајте да се изедначат. Потоа налејте малку вода и промешајте за да добиете кашеста структура. Во запршката додајте малку сув зеленчуков зачин и повторно промешајте за да се раствори.

Кременадлите ставете ги во огноотпорен сад или плех во кој ќе ги готвите и одозгора прелијте ги со приготвената запршка. Во овој сос додајте и малку сечкано лукче (едно поголемо или повеќе, по желба). Може да додадете и еден домат исечкан на коцки.




Садот покријте го со алуминиумска фолија и ставете ги кременадлите да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Пред крајот од печењето извадете ја фолијата за малку да се запече месото, но не премногу за да не се исуши и да не ја изгуби сочноста.

Печените кременадли извадете ги од рерната и оставете ги малку да подизладат, а потоа послужете ги со некој прилог како компир пире, печени компири, варен ориз, варена зеленчукова мешавина и слично. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.