Рецепт на Дами. Попарата е многу вкусно старинско јадење и често се приготвувало кога дома ќе останел вчерачен или завчерашен леб. Овој рецепт е сеќавање на мојата прабаба, на моите баба, дедо, мајка…кои ни го приготвуваа овој топол оброк полн со љубов.




Некогаш мајка ми го кинеше лебот на помали парчиња, и обичната попара од леб, млеко и малку сирење ја претвори во совршенство. Ова е нејзина идеја која мене многу ми се допадна, многу е повкусна затоа што кората наоколу останува за нијанса покрцкава. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл): Еден леб исечен на тенки парчиња (или колку имате од вчерашниот леб), една чаша млеко, една чаша вода, рендан кашкавал помешан со ситно сирење по избор, малку лук исечен на тенки листови или ситно, прстофат сол, една лажица путер, црн пипер или алева пиперка по вкус




ПОСТАПКА: Лебот исечете го на тенки парчиња (или искинете го со прсти на помали парчиња, како ви е подраго), па наредете го во еден огноотпорен сад/плех претходно намастен со путер, маргарин или некоја друга маснотија.




Лебот одозгора наросете го богато со рендан кашкавал (гауда, ајдамер, пармезан или што ви се наоѓа во фрижидер, најдобро некој кој убаво се топи и кој обично го ставате во фрижидер), а може да додадете и малку ситно сирење/фета.




Во едно тенџере ставете една чаша млеко и една чаша вода (вкупно 500 мл), додајте го ситно исечканото лукче, посолете со прстофат сол или по вкус и оставете да зоврие.




Со зовриеното млеко прелијте го лебот и кашкавалот. Поклопете го садот или покријте го со фолија ако го печете во рерна, а може да го зготвите и на рингла во тава поклопена со капак. Гответе на умерена температура, во рерна на 200 степени, додека лебот да ја впие течноста и кашкавалот да се растопи.




Ако ви се чини дека нема доволно течност, долејте уште малку мешавина од вода и млеко и оставете да се впие во сувиот леб. Гответе додека сето да прокрчка и течноста да испари. Настрана растопете лажица путер или маст, па прелијте преку попарата. Одозгора наросете малку црн или црвен пипер. Послужете со јогурт или салата.