Многу едноставно и декоративно, направете го овој колач за 10 минути и воодушевете ги вашите деца и вашите гости. Ова е еден од наједноставните колачи за чија подготовка се потребни само бисквити и пудинг или крем по избор. Овој рецепт ќе ве потсети на детството, зошто ова беше колачот кој го правеа нашите мајки и баби. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млеко, 1 кесичка пудинг од ванила (40 г), 2 јајца, 40 г шеќер кристал, 170 г несолен путер или маргарин, 150 г шеќер во прав, 200 мл слатка павлака, 48 петит бисквити и млеко за натопување на кексите и рум или нескафе за арома (по желба)
ПОСТАПКА: На оган ставете 350 мл млеко да се загрее, а во остатокот од млекото додајте две цели јајца, една кесичка пудинг со вкус на ванила и шеќер (околу 40 г или по вкус). Добро изматете за да се изедначат состојките и да нема грутчиња.
Кога млекото ќе зоврие, тргнете го малку тенџерето настрана од огнот, па започнете постепено да ја додавате мешавина од пудинг и јајца. Мешајте непрекинато за да се растворат состојките во млекото, а потоа повторно вратете го тенџерето на оган со намалена температура.
Варете ја смесата непрекинато додека да згусне како за пудинг. Потоа кремот претурете го во некој друг сад за побрзо да се олади и промешувајте го повремено за да не фати коричка (или покријте го со проѕирна фолија.
Путерот или маргаринот исечкајте го на помали парчиња и оставете да омекне на собна температура. Потоа во него додајте шеќер во прав и со миксер пенасто изматете го.
Изладениот крем и путерот треба да бидат на иста температура пред да се соединат. Започнете со лажица да црпете од кремот и да додавате во путерот додека непрекинато матите. На крај треба да добиете нежен и многу вкусен крем.
На десертна чинија или тацна наредете 16 бисквити кои претходно кратко сте ги натопиле во млеко. За поубав вкус во млекото може да додадете малку рум или нескафе. Врз кексите распоредете половина од кремот, па повторно кекси, крем и завршете со кекси. Јас наредив 4 реда кекси и добив повисок колач.
Изматете еден шлаг и декорирајте одозгора, а потоа наросете рендано чоколадо или нешто по ваш избор. Колачот оставете го да се олади во фрижидер најмалку 2-3 часа или преку цела ноќ. За тоа време бисквитите ќе омкнат и колачот ќе стане божествен. Рецепт на Аника.