Многу едноставен и вкусен колач кој е толку сочен што се топи во уста. Се приготвува од намирници кои веќе сигурно ги имате во кујна, па прва пригода направете го, ќе бидете воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 1 чаша гриз, 1 чаша ладно млеко, 3 јајца, 1 чаша шеќер, 1/2 чаша масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 чаша мелени ореви, 3 супени лажици брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 3 големи рендани јаболка и 500 мл слатка павлака.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги гризот и млекото и оставете 10-тина минути за да може гризот да впие и да набубри. потоа со лажица добро промешајте за да дојде до изедначување.




Во подлабок сад скршете три јајца и додајте една чаша шеќер и една кесичка ванилин шеќер. Матете непрекинато сè додека шеќерот да се растопи и јајцата да се згуснат во кремаста структура. Потоа додека непрекинато матите со миксерот во тенок млаз додајте го маслото (100 мл).




Потоа додајте една чаша мелени ореви и три лажици брашно помешани со половина кесичка прашок за печиво. Матете додека да добиете изедначена, хомогена смеса. Најпосле додајте ги претходно изренданите јаболка (на ситно ренде) заедно со сокот и гризот претходно натопен во млеко кој сега е згуснат.




Измешајте ја смесата додека да се изедначат состојките. Можеби ќе ви делува дека смесата е ретка, но не грижете се, така треба да биде. Плех 20х30 см обложете го со хартија, па излејте ја смесата во него и израмнете. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.




Во добро загреаната рерна ставете го колачот и печете го околу 25 минути. Откако малку ќе подизлади превртете го врз тацна и отстранете ја хартијата. Бидејќи пандишпанот е доста мек, најдобро е да се остави малку во фрижидер да се олади, а потоа пресечете го на половина, со тоа што горната кора ќе се изрони, а само долната ќе остане компактна, како основа.




Во посебен сад изматете ја слатката павлака, па во шлагот додајте ја изронетата горна кора (дополнително иситнете ја со раце), па промешајте да се изедначи.

Добиената смеса рамномерно распоредете ја врз долната кора, израмнете и одозгора изрендајте малку чоколадо. Колачот може веднаш да се послужи. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.