Најдобриот рецепт за подготовка на овој старински колач-раванија. Со само неколку состојки добивате совршен гриз колач на трпезата. Лесен за подготовка, а толку е сочен и веднаш сите ми го јадат, почнав да го правам секој втор ден.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл кисело млеко, 1 ќесичка прашок за печиво, 4 јајца, 650 г шеќер, 250 г гриз, 200 г мелени ореви, 50 г ситно сечкани ореви, 1 ќесичка ванилин шеќер, 2 чаши вода.
ПОСТАПКА: Во еден сад се става киселото млеко, а потоа се додава прашокот за печиво. Добро се промешува и се остава да отстои 10 минути. Во друг сад се кршат 4 јајца и се матат со миксер. Кога ќе добијат пенаста структура, се додава 150 г шеќер и се продолжува со матење.
Шеќерот се додава постепено, а потоа се додава и 1 ќесичка ванилин шеќер, со непрекинато матење со миксерот. Потребно е да се добие кремаста, средно густа смеса слична како онаа за палачинки. Потоа се соединува со киселото млеко.
Се додава и гризот и се продолжува да се мати со рачна маталка до соединување. На крајот се додава 200 г мелени ореви и 50 г ситно сечкани ореви. Повторно се соединува, па смесата се прелива во округла тепсија.
Се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 20 – 25 минути. За тоа време, во тенџере на рингла се става шеќерот и се прелива со 2 чаши вода. Малку се промешува колку да се растопи шеќерот, па се додава и неколку парчиња сечкан лимон за вкус.
По печењето, колачот се остава целосно да излади, па се избоцкува со чепкалка на неколку места и се сече ромбоидно. Ладниот колач се прелива со врелиот шербет, штотуку подготвен заедно со лимончињата. Врз секој послужен колач се става цел орев. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и вториот рецепт:
II Рецепт. Крем раванија-сочен старински колач, но овој пат подготвен на малку модернизиран начин, а кај нас дома традиционален. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 6 лажици гриз, 6 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, малку рендана кора од лимон, 1 лажица какао.
ЗА КРЕМ: 2 пудинзи од ванила, 6 лажици шеќер, 1 литар млеко, 1 маргарин, сок од 1 лимон. ЗА ШЕРБЕТ: 3 шолји шеќер (помали за нес кафе на пример), 3 шолји вода, 3 кесички ванилин шеќер.
ПОСТАПКА: Прво сварете го шербетот, оставете да се вари само 3 минути и потоа тргнете го настрана да се излади. Потоа сварете го пудингот, и кога ќе го тргнете од оган додајте маргарин и сок од лимон, добро промешајте и оставете да се излади.
Изматете ги пенасто јајцата со шеќерот, додајте се останато и ставете да се пече во тава (бр 30) намастена со малку маргарин и набрашнета, а може да користите и правоаголна, но да не биде премногу голема.
Печете на 200 степени, а по печењето оладете го колачот, пресечете го хоризонтално на половина, наполнете со крем и прелијте го шербетот. Сервирање: Може да го сервирате кремот обичен со шлаг или по ваш избор. / Coolinarka.com