„Ледени шнити“ или „Ледени коцки“ е за сите омилениот колач кој често се приготвува за секој ден, но и за некои важни пригоди, како слави и родендени. Ова е еден од ретките колачи за кој не мора да одите специјално во продавница по набавка на продукти.
Речиси сите потребни состојки веќе ги имате во вашата кујна. Наместо слатка павлака, односно павлака за шлаг може да искористите и обичен шлаг во прав. Постапката за приготвување е многу едноставна, а колачот може да го направи и почетник во кујна. Еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 белки, 5 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 150 мл млеко. ЗА КРЕМ: 800 мл млеко, 6 жолчки, 7 лажици шеќер, 8 лажици брашно, 250 г маргарин или путер, 100 г шеќер во прав и 200 мл слатка павлака, павлака за шлаг или 2 кесички шлаг во прав
ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Одвојте ги белките од жолчките во посебни чисти и суви садови. Белките пенасто изматете ги, па додајте 5 лажици шеќер и продолжете да матите додека да добиете густа и сјајна пена.
Во снегот од белки додајте додајте брашно, па промешајте внимателно или изматете да нема грутчиња. Во плех со димензии 30х20 см ставете хартија за печење, па рамномерно распоредете ја смесата од белки и израмнете.
Ставете да се пече помеѓу 15 и 20 минути во загреаната рерна, а времетраењето зависи од вашата рерна и јачината на струјата. Јас ја печев кората 19 минути. Додека се печат белките, пригответе го филот од жолчки.
Во жолчките додајте го преостанатиот шеќер и брашно, па додајте малку ладно млеко и добро измешајте да се изедначат состојките во мазна смеса без грутчиња. Остатокот од млекото ставете го тенџере на оган да зоврие.
Штом зоврие намалете го малку огнот и потргнете го тенџерето на страна, па започнете да ги додавате разматените жолчки полека, во тенок млаз додека непрекинато мешате. Гответе на умерена температура додека смесата да згусне. Сварениот крем претурете го во друг сад и оставете да се олади (под фолија или кеса за да не фаќа коричка).
Печената кора извадете ја сосе хартијата, оставете минута-две да се олади, па отстранете ја хартијата и вратете ја кората во плехот. Веднаш, додека сè уште е топла, прелијте ја со 150 мл млеко и оставете да впие и да се олади.
Кога филот и кората ќе се оладат на собна температура, изматете го пенасто путерот (кој исто така омекнал на собна температура) заедно со шеќерот во прав. Малку изматете го и оладениот фил, па додајте половина путер и изматете да се соедини. Потоа додајте го и остатокот од маргаринот и сè соединете.
Кората внимателно ставете ја на тацна, одозгора рамномерно распоредете го филот и израмнете. Изматете ја павлаката во шлаг (или шлаг во прав според упатството на кесичката – малку погусто), па нанесете како декорација врз колачот. Оставете добро да се олади, па послужете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.