„Седмо небо“ е познат старински колач кој порано често се приготвуваше речиси за секој празник, слава, родендени и сите го сакаа. Денес се чини како да е малку подзаборавен под напливот на новите брзи рецепти, но оние кои го памтат неговиот вкус, знаат за каков врвен колач станува збор.




Идеален е за празници и разни прослави бидејќи излегува многу, особено доколку го сечете на мали парчиња. Се приготвува со обланди, но малку на поинаков начин од обичниот, бидејќи обландите се печат заедно со снегот од белки. Токму овој дел ја дава целата онаа волшебност на колачот по кој е препознатлив.




Навистина е многу вкусен, а особено им е драг на оние кои не се љубители на оревите и другите јаткасти плодови, но за сите други, секако дека може во кората да се додадат 150 г мелени ореви. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 јајца, 20 лажици шеќер, 100 г кокос, 150 г мелени кекси, 3 лажици брашно, 150 г чоколадо, 200 г путер/маргарин, 2 листа обланда. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо, 3-4 лажици масло




ПОСТАПКА: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките од 4 јајца. Со миксер цврсто изматете 4 белки со 6 лажици шеќер. Во снегот додајте 1 лажица брашно и 150 г мелени кекси, па промешајте со лажица или шпатула или со најмала брзина на миксерот.




На големиот плех од рерна ставете еден лист од обланда со помазната страна надолу, а со вдлабнатите коцки нагоре. Премачкјате го листот со приготвената смеса од белки и мелени кекси, распоредете и рамномерно израмнете. Ставете да се пече во загреаната рерна 13 минути.




Додека се пече првата кора, пригответе ја втората кора. Во посебен сад одвојте ги преостанатите четири белки, изматете ги додека да станат пенасти, па додајте 6 лажици шеќер и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од лажица.




Во оваа смеса додајте кокос и 2 лажици брашно. Промешајте нежно додека да се изедначи смесата, но сепак да остане пенлива. Со добиената смеса премачкјате го вториот лист обланда, на ист начин како и првиот. Извадете го првиот печен лист, па веднаш ставете го да се пече вториот, 11 минути.




Жолчките пенасто изматете ги со 8 лажици шеќер во некој помал сад кој ќе го ставите врз тенџере со вода 2 см. Од моментот на зовривање гответе ги жолчките на пареа 10 минути со непрекинато мешање. Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи.




Тргнете го кремот од оган и оставете да се лади со повремено мешање за да не фати коричка. Кога ќе се олади на собна температура, пенасто изматете го путерот (исто така, на собна температура), па постепено додајте го филот од чоколадо и заедно соединете ги во мазен крем.




РЕДЕЊЕ: Врз првата кора од кекси премачкјате го чоколадниот фил, па преклопете го со втората кора со кокос (превртена наопаку, со обландата нагоре). Ставете одзгора некој послужавник и некое оптеретување за да дојде до израмнување.

За глазура: растопете на тивок оган чоколадо со 3-4 лажици масло, па прелијте преку обландата. Оставете добро да се олади и стегне, па сечете и послужете. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.