Веројатно на многумина од вас ви е познат рецептот за „месо во тегла“, а кој бил во можност да го проба, се воодушевил од неговиот вкус. Порано ова бил еден од најчестите начини за конзервирање на месото кој се задржал до денеска, од повеќе причини:




Месото зготвено на овој начин е меко и вкусно, не може да се спореди со ниедно друго варено, печено или пржено месо, бидејќи ова месо се готви во сопствените сокови и ги сочувува сите хранливи материи, особено колагенот кој му е многу потребен на организмот.




Исто така, овој начин на конзервирање и готвење на месото е многу економичен, бидејќи одеднаш готвите голема количина на месо, а потоа по потреба си вадите од теглата и можете веднаш да јадете. Месото се топи во усти, се двои од коската. На овој начин можете да приготвите какво сакате месо.




Има подолг рок на траење на пример, отколку месото кое го чувате во замрзнувач, се заштедува на струја, а се сочувува и вкусот и квалитетот. Единствено што е потребно да имате, е некоја ладна просторија, подрум или слично, каде температурата не се покачува над 10 степени. Овојпат ќе ви претставиме како да го конзервирате пилешкото месо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 кг пилешко месо (во случајот батаци, карабатаци, крилца), 4 мали лажички сол (по 1 лажичка сол на 1 кг месо), црн пипер мелен, црвена зачинска пиперка, 4 супени лажици вински или јаболков оцет 4%, 4 главици кромид, 1 китка свеж магдонос




ПОСТАПКА: Во овој рецепт, бидејќи се користи пилешко месо со кожа и коски, многу е важно добро да се подготви, а тоа значи да се измие убаво под млаз ладна вода, да се исцеди, а потоа многу добро да се исуши со помош на хартиени салветки. Убаво натапкајте го секое парче посебно за да не остане влага на него.




Вака спремното месо ставете го некој голем и широк сад, зачинете го со сол, црн и црвен пипер по вкус, прелијте го со оцет (1 супена лажица на 1 кг месо), па убаво со рацете промешајте го за да се нафатат рамномерно сите зачини. Во меѓувреме наредете неколку тегли во рерни да се стерилизираат или премачкјате ги со медицински алкoxoл и оставете да се исшушат. Истата постапка важи и за капаците.




Кромидот исечкајте го на кругови или полумесечинки, а магдоносот не претерано многу ситно. Измешајте ги и посолете ги со една лажичка сол. Во секоја тегла ставете малку од зеленчукот, па наредете го месото и добро притиснете. Помеѓу можете да ставате кругови кромид и магдонос. На дното од некое големо тенџере ставете кујнска крпа, па наредете ги теглите.




Прелијте ги со ладна вода која ќе достига до капаците и малку ќе ги прекрива. Ставете на умерен оган под капак колку да зоврие, па штом се појават првите меури намалете ја температурата и оставете колку да „струи“, а не да врие. На овој начин оставете ги теглите да се готват без да се допираат околу 4-5 часа.




Оставете ги да се оладат во тенџерето, а потоа се спремни. Откако целосно ќе се оладат течноста која ја испуштиле во теглата ќе се претвори во желатин. месото може да се јаде ладно, а може и теглата да ја ставите во топла вода пред отворањето. Многу е вкусно, се топи во уста. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.