Вкусни мали панцероти кои никој не може да им одолее. Јас ги правам секогашс со сирење бидејќи така најмногу ги сакаат дома, но за филот може да експериментирате и да го правите по ваш вкус. Овој рецепт е специјално резервиран за тестото кое е многу убаво.
Поздраво е отколку кога се прави со бело брашно, а излегува подеднакво вкусно и мирисно. Од неколку состојки и без долго чекање на тестото да стаса. Излегуваат многу парчиња, а од ова тесто може да правите кифлички, пица ролнички и други печива.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30 г свеж квасец или 10 г сув, 1 мала лажичка прашок за печиво, 2 мали лажици шеќер, 2 мали лажици сол, 700 г интегрално пченично брашно, 100 мл вода, 100 мл масло + уште малку за намастување на тестото, 500 мл јогурт и 2 јајца.
ЗА ФИЛОТ: 200 г крем сирење, 200 г фета сирење, 1 јајце. Филот може да го правите и со кашкавал, шунка, кулен, сланина, маслинки, пиперки, ајвар… За премачкување: 1 јајце и сусам за наросување.
ПОСТАПКА: Во мала чаша измешајте го свежиот квасец со 2 лажици брашно и 2 лажици шеќер. Додајте 100 мл млака вода, измешајте и почекајте 10 минути за квасецот да запени и да се активира. Во посебен сад ставете 650 г брашно, а подоцна може да додавате и повеќе, ако е потребно.
Потоа додајте 2 лажици сол и 1 лажица прашок за печиво. Измешајте ги сувите состојки, па на средина направете вдлабнатина каде што ќе ги ставите двете јајца. Со виљушка кратко измешајте. Потоа додајте 500 мл јогурт, 100 мл масло и претходно направениот квасец.
Промешајте со лажица, па потоа замесете го тестото со рака. Треба да изглезе меко, па потоа покријте го со крпа во садот и оставете го да отстои на топло место додека целосно да се удвои. Кога ќе ги видите дупките од страна на тестото, тоа значи дека е добро сработено.
Малку намастете ги рацете и поделете го тестото на неколку помали топчиња (околу 9-10). Секое топче малку развлечете го со раце како круг, не ви е потребна оклагија и на средина ставете од филот: измешани сирења со едно јајце или некој по ваш избор. Јас обично ставам по 1 голема лажица од филот.
Истото направете го и со другите топчиња, а потоа затворајте ги така што ќе ги преклопувате на половина и краевите ќе ги прилепите како за панцерота. Вака подготвените печива редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Пред печење премачкајте ги со 1 јајце и наросете им малку сусам одозгора. Оставете ги да отстојат на плехот додека рерната да се загрее на 200 степени. Печете ги околу 35 минути додека фатат коричка одозгора. Исто така може и да ги пржите во длабоко масло како уштипци, од двете страни додека да порумени тестото. Како ќе ги подготвите останува на вас, а во рерна е многу побрзо и поздраво. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.