Кога ја пробав оваа торта толку многу ми се допадна што веднаш побарав рецепт. Истото се случува со сите мои пријатели на кои ќе им ја послужам. Веднаш по првиот залак тие се воодушевуваат и го бараат рецептот. А оваа торта всушност се приготвува од едноставни состојки кои секој ги има во кујна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап за торти со обрач 20 см): 6 белки, 1 прстофат сол, 2 супени лажици шеќер, 1/4 лажичка лимонска киселина (или неколку капки лимонов сок), 2 супени лажици шеќер во прав, 80 г брашно.
ЗА КРЕМ: 6 жолчки, 150 г шеќер, ванилин шеќер, 200 мл млеко, 1 супена лажица брашно, 100 г путер. За декорација: кокосово брашно и бело чоколадо
ПОСТАПКА: Од шест јајца претходно отстојани на собна температура во посебни садови одделете ги белките и жолчките. Во жолчките додајте 150 г шеќер и малку ванилин шеќер, па промеѓајте со шпатула или маталка.
Додајте 200 мл млеко и промешајте за да се раствори во жолчките. Во оваа смеса додајте една супена лажица брашно и промешајте додека да се изедначи и да нема грутчиња. Тенџерето ставете го на умерен оган.
Гответе ја смесата со непрекинато мешање додека да се свари и згусне како пудинг. Штом се згусне тргнете го садот настрана и продолжете да мешате додека да добиете убав мазен крем. Претурете го во посебен сад за побрзо да се олади и покријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка.
Во белките додајте прстофат сол и пенасто изматете ги со миксер. Додајте лимонска киселина и шеќер, па продолжете со матење додека шеќерот да се растопи и да се добие цврст и сјаен снег кој не паѓа од лажица.
Во снегот од белки постепено (на два-три наврати) додајте 80 г просеано брашно и 2 супени лажици шеќер, па промешајте со шпатулата со превртување на смесата додека да изедначи (смесата треба да остане воздушеста и пенлива).
Смесата од белки рамномерно распоредете ја во калап обложен со хартија и флексибилен обрач, а за да бидете сигурни дека нема воздушни простори, со помош на дрвено стапче направете спирани кругови во внатрешноста започнувајќи од центарот на кругот. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени околу 35-40 минути.
Печениот бисквит оставете да се олади, а потоа отстранете го обрачот, хартијата за печење и нежно, со помош на прстот, отстранете го горниот потпечен слој. Потоа пресечете на половина за да добиете две тенки кори.
Во посебен сад пенасто изматете го путерот претходно омекнат на собна температура, па постепено во него додајте го изладениот крем (путерот и кремот треба да бидат на иста температура).
Филувајте: кора, крем, кора, крем, а потоа декорирајте со рендано чоколадо и кокосово брашно. Пред послужување оставете ја тортата на неколку часови во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.